РАКОМЕТ – ПОЧНА 16. ИЗДАНИЕ НА СУПЕРГЛОУБ

Европскиот првак Магдебург игра за третата светска титула во низа

Во Дамам (Саудиска Арабија) почна 16-то издание на Суперглоуб, натпреварувањето што се смета за неофицијално светско клупско првенство на Интернационалната ракометна федерација (ИХФ), кое треба да заврши в недела. Вторпат во низа се одржува со 12 екипи, поделени во четири групи, од кои првопласираните ќе играат во полуфиналето, второпласираните ќе разигруваат за пласман од 5-то до 8-то место, а третопласираните за од 9-то до 12. место.
Суперглоуб се одржува од 1997 година, а досега најуспешна е Барселона со пет први, две втори и едно трето место, а потоа се Фуксе Берлин со по две први и втори места, Магдебург и Сиудад Реал со по две први и едно второ место… Европа ја претставуваат финалистите на годинашната Лига на шампионите, европскиот првак Магдебург и вицешампионот Киелце, како и Барселона и Фуксе Берлин, кои на турнирот играат со покана (т.н. вајлд-карта). Во претходните две финалиња на Суперглоуб, во 2021 и во 2022 година, Магдебург ја победи Барселона. Г.И.

ОСВОЈУВАЧИ НА ТРОФЕИ

Барселона 5
Сиудад Реал 2
Фуксе Берлин 2
Магдебург 2
Ал-Сад 1
Кил 1
Атлетико Мадрид 1
Кантабрија 1


АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Викендов ќе се вози првиот меѓуграничен спуст во Светскиот куп

Од вчера до утре на програмата се трите тренинзи, пред двете спуст-трки викендов, први меѓугранични трки во Светскиот куп во алпско скијање. Најбрзите скијачи на денешницата в сабота и в недела ќе се натпреваруваат на патека на која стартот е во Швајцарија (Цермат), а целта е во Италија (Червинија). Трките за скијачките се предвидени за 18 и за 19 ноември. На патеката „Гран Бека“, дизајнирана од олимпискиот шампион во спуст Дидие Дефаго, ќе се одржи уникатната прекугранична трка, а со старт на 3.800 метри надморска височина ова е највисоката трка во спуст во Светскиот куп во алпско скијање, пишува на официјалната интернет-страница на натпреварувањето. Целта е на 2.840 м. Н.М.


ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Голема мешаница во групите Е, Ф и Х

Манчестер сити и Лајпциг, двата тима од групата Г, се првите што обезбедија пласман во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите, по четвртото коло во групите Е, Ф, Г и Х. Голема мешаница, пак, има во три групи. Така, во групата Е разликата од првиот (Атлетико Мадрид) до третиот тим на табелата (Феенорд) е само два бода. Во групата Ф, пак, од првопласираната Борусија Дортмунд до четвртопласираниот Њукасл разликата е три бода, а во групата Х водат Барселона и Порто со по девет бода, а три бода помалку има Шахтер. Н.М.


Рекорди на Пепе и на Жиру

Двајца фудбалери во четвртото коло на Лигата на шампионите (ЛШ) надминаа рекорди за највозрасни стрелци. Така, Португалецот Пепе стана највозрасен стрелец во Лигата на шампионите откако ја затресе мрежата во победата на Порто дома над Антверпен, на возраст од 40 години и 254 дена и го собори рекордот на Италијанецот Франческо Тоти (со 38 години и 59 дена постигна гол во ЛШ во 2014 година), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Оливие Жиру, пак, со возраст од 37 години и 38 дена стана највозрасниот Французин со постигнат гол во ЛШ, откако постигна погодок во победата на Милан на дуелот дома со ПСЖ, со 2-1 (претходниот рекордер беше Лорен Блан, со 36 години и 338 дена), пишува УЕФА. Н.М.


СЕРИЈА БЕЗ ПОРАЗ ВО ЛШ

Со личен рекорд Гвардиола изби на четвртото место

Шпанецот Пеп Гвардиола го надмина својот рекорд откако неговиот Манчестер сити ја зголеми серијата без пораз на 17 натпревари во фудбалската Лига на шампионите во четвртото коло (по триумфот над Јанг бојс, серијата на тимот вклучува 12 победи и пет ремија), надминувајќи ја неговата серија од 16 меча без пораз на чело на Барселона помеѓу 2011 и 2012 година, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Ако актуелниот европски фудбалски првак ја продолжи својата низа, тогаш во финалето сезонава Гвардиола може да го надмине водечкиот на таа листа, Англичанецот Алекс Фергусон, пишува УЕФА. Фергусон имаше 25 средби без пораз на чело на Манчестер јунајтед. На таа листа на делба на второто место со по 19 натпревари без пораз во Лигата на шампионите се Германецот Отмар Хицфелд (со Баерн, во периодот од 2011 до 2002 година) и Холанѓанецот Луис ван Гал (со Ајакс, од 1994 до 1996 година), а со по 16 дуели без пораз се Гвардиола (со Барселона), Германецот Ханси Флик (со Баерн од 2019 до 2021 година) и двапати Фергусон (двапати со Манчестер јунајтед, од 1998 до 1999 и од 2001 до 2002 година). Н.М.