„Охридско лето“ ја продолжува традицијата на организирање концертни настани и надвор од своите редовни фестивалски денови. По концертите реализирани минатата година, Националната установа и оваа година подготвува три музички средби со реномирани уметници од меѓународната сцена, со кои ја продолжува својата концертна дејност и ја одржува врската со публиката во текот на целата година.

-Со овие три концертни настани, „Охридско лето“ ја потврдува својата посветеност на континуирано негување и промовирање на врвната музичка уметност. Активностите надвор од летната фестивалска сезона се продолжение на нашата мисија – да ѝ овозможиме на публиката средби со значајни уметници и квалитетни музички содржини, а воедно да придонесеме Охрид да стане препознатливо место на меѓународната културна сцена и во текот на целата година – вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Според Цуцковски, целта е ваквите концертни настани да продолжат и во иднина, прераснувајќи во традиција на „Охридско лето“.

-Иницијативата за организирање на вакви концертни настани започна минатата година, а со оглед на интересот, нашата намера е тие да прераснат во традиција. Концертите се бесплатни за посетителите, како израз на благодарност за поддршката и довербата на публиката, но и со цел врвната музика да биде достапна за пошироката јавност – додава Цуцковски.

Првиот концерт ќе се одржи на 17 ноември, во 20 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија, каде што ќе настапат виртуозниот полски виолинист Мариуш Патира и истакнатиот пијанист Радослав Курек.

Патира е добитник на главната награда на престижниот Меѓународен виолински натпревар „Николо Паганини“ во 2001 година, како прв полски виолинист кому му припаднало ова признание. Настапувал низ Европа, Јапонија, САД и Мексико, а во последните години освоил и значајни признанија на меѓународни натпревари.

Курек е истакнат пијанист и камерен музичар, добитник на наградата „Бриџит Дулан“ за најдобра изведба на дело од Моцарт на натпреварот во Даблин, како и на главната награда на Меѓународниот натпревар „Јоханес Брамс“ во Австрија. Настапувал на концертни сцени во Европа, Америка, Азија и Африка.

Вториот концерт ќе се одржи на 4 декември, во 19 часот, во Музејот на македонската борба за самостојност, со настап на извонредната корејско-американска сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен.

Јуна Ли е меѓународно призната оперска уметница, особено позната по улогата на Чо-Чо-Сан во „Мадам Батерфлај“ од Пучини, која ја има изведено речиси 200 пати. Се образувала на Џулијардската школа во Њујорк, а настапувала со реномирани оперски куќи, меѓу кои Метрополитен операта и Вашингтонската национална опера. Нејзин сопруг и музички партнер е пијанистот Кенет Клецјен, кој студирал на Конзерваториумот при Колеџот Оберлин и Џулијардската школа.

Концертната година „Охридско лето“ ќе ја заокружи на 7 декември со предновогодишен концерт во Охрид, подготвен како музички подарок за градот и неговата публика. На сцената ќе настапат бугарската сопранистка Илина Михајлова и италијанскиот пијанист и композитор Франческо Барбагелата.

Михајлова е солистка на Државната опера во Варна и Државната опера во Бургас, а настапувала на оперски сцени во Италија, Шпанија, Австрија, Германија, САД и Јапонија. Посебно значајна е нејзината соработка со светски познатиот тенор Хозе Карерас, со кого настапувала на прошталните концерти во Софија и Атина.

Барбагелата е професор по пијано-придружба на Конзерваториумот „Р. Франчи“ во Сиена и музички соработник на Фестивалот „Пучини“ во Торе дел Лаго. Соработувал со бројни реномирани диригенти и оперски уметници, меѓу кои и со Андреа Бочели, а се занимава и со компонирање и оркестарски аранжмани.