Фото: Маја Јаневска-Илиева

Основниот кривичен суд Скопје определи притвор до 30 дена за две лица, куќен притвор за едно лице и мерки за претпазливост за уште едно лице, опфатени со истрагата за злосторничко здружување, перење пари и изнуда во Куманово, пренесе МИА.

Како што информираат од Судот, судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по сослушувањето на осомничените во присуство на нивните бранители, ги прифатил предложените мерки.

На осомничените Д.П. и М.К. им е определен притвор во траење до 30 дена поради постоење законски основи за опасност од бегство, повторување или довршување на кривичното дело, како и можност за попречување на истрагата преку влијание врз сведоци.

За осомничениот Л.К. е определен куќен притвор, додека на Д.Ж. му се изречени мерки за претпазливост, кои вклучуваат одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна исправа за преминување на државната граница.

Од Судот информираат дека со обвинителскиот предлог е опфатено и петто лице, кое во моментот е недостапно за органите на прогонот.

Против донесените решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.

Сузбиена петчлена криминална група од Куманово

Министерството за внатрешни работи претходно информираше дека е поднесена кривична пријава против пет лица за кривичните дела „изнуда“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Акцијата била спроведена вчера од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, при што била сузбиена петчлена организирана криминална група од Куманово.

Во акцијата биле лишени од слобода Д.П. (37), Л.К. (73), М.К. (27) и Д.Ж. (43), сите од Куманово. Петтиот осомничен, З.Р. (35), е недостапен за органите на прогонот.