Фото: Министерство за јавна администрација

Реформата на јавната администрација добива конкретна институционална и законска основа, а напредокот е препознаен и во Извештајот на Европската комисија за 2026 година, истакна министерот за јавна администрација Горан Минчев на третиот циклус генерички обуки за административните службеници за 2026 година, што се одржа во Куманово за службениците од Североисточниот регион.

Минчев нагласи дека граѓаните ги оценуваат институциите според квалитетот на услугите, одговорите што ги добиваат и довербата во системот, а не според плановите и ветувањата.

-Нашата цел е знаењето да стане сила на администрацијата, професионалноста нејзин стандард, а довербата на граѓаните нејзин најголем резултат – порача министерот.

Тој посочи дека во извештајот на Европската комисија се нотирани преземените чекори за зајакнување на капацитетите на Министерството за јавна администрација, унапредување на системот за управување со човечките ресурси и воспоставување поцврста рамка за професионално и одговорно функционирање на администрацијата.

Според Минчев, оценките на Европската комисија се важен показател за реформскиот напредок, но промените мора да бидат видливи и во секојдневното функционирање на институциите.

-Но, за нас најважно е реформите да не останат само законски решенија и институционални промени. Тие мора да се почувствуваат во секојдневната работа на институциите и во услугите што ги добиваат граѓаните – истакна Минчев.

Академијата за стручно усовршување – столб на професионализацијата

Осврнувајќи се на следната фаза од професионализацијата на администрацијата, министерот го потенцираше воспоставувањето на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници, како еден од клучните столбови на реформата.

Минчев посочи дека Академијата не се формира само како нова институција, туку како механизам за континуирано учење, квалитетни програми, унифицирани стандарди и можности за професионален развој.

-Сакаме знаењето да не завршува со обуката, туку да се применува во работата и да носи подобри резултати – рече тој.

Како дел од реформскиот процес, министерот ги посочи и новите законски решенија за високите раководители, административните службеници и вработените во јавниот сектор. Со нив, како што наведе, се воспоставуваат појасни професионални критериуми, вреднување според резултатите и поголема одговорност во работењето.

Министерството за јавна администрација продолжува со активностите за создавање силна, компетентна и ефикасна администрација, во која знаењето се вреднува, професионалноста се поттикнува, а одговорноста е стандард. Крајната цел е подобрување на услугите и оправдување на довербата на граѓаните преку конкретни резултати.