Илустрација: „Нова Македонија“. При изработката е користена ВИ-технологија

САМО ТРИ СТОЛА НА МАСАТА НА КОЈА СЕ КРОИ НОВИОТ СВЕТСКИ ПОРЕДОК, ЕВРОПА ВО ЧЕКАЛНИЦАТА

  • Шенжен е кинескиот град во кој многу аналитичари предвидуваат дека со голема веројатност ќе се случи епицентарот на ударот за новата
    геополитичка поделба. Имено, претседателите на САД, на Кина и на Русија наскоро ќе седнат таму на „зелената маса за големите интереси“.
    А Европа, пак, во исто време се соочува со опасност иднината на Стариот Континент да се договара без нејзино учество

Седум децении по Јалта, светот повторно се соочува со геополитички момент во кој тројца лидери би можеле да ги исцртаат контурите на идниот меѓународен поредок.

СВЕТОТ ПОВТОРНО СЕ ДЕЛИ, НО ОВОЈ ПАТ ЕВРОПА НЕ Е НА МАСАТА

Потенцијалната средба на Владимир Путин, Доналд Трамп и Си Џинпинг во кинескиот град Шенжен, на маргините на самитот на АПЕК, отвора прашање што одамна тлее под површината на меѓународната политика. Имено, се подготвуваат ли големите сили повторно да седнат на иста маса за да ги разграничат своите стратешки интереси, сфери на влијание и коегзистенција? Дали и како помалите држави ќе треба да се приспособат на таа договорена реалност? Паралелата со Јалта од 1945 година е неизбежна, иако историските околности се различни. За потсетување, тогаш Сталин (СССР), Рузвелт (САД) и Черчил (Велика Британија) ја договараа повоената архитектура на Европа. Денес, во потенцијалниот триаголник Вашингтон–Москва–Пекинг, предмет на разговор и договор, според многумина аналитичари, би биле не само Украина, Иран, Тајван… туку и нуклеарната безбедност, трговијата, економската соработка и, се разбира, границите на глобалното влијание.

КАПИТАЛНА ДИПЛОМАТИЈА

Во геополитичката калкулација на трите престолнини секој има своја стратегиска сметка.
– За Москва, Украина останува централно прашање на нејзината безбедносна и регионална политика. За Пекинг, Тајван е прашање на суверенитетот, националната стратегија и статусот на Кина како глобална сила, која развива и веќе спроведува глобални програми и проекти на раст и развој, како што е на пример „Појас и пат“… Вашингтон, пак, се соочува со дилемата како да го зачува американското влијание, а истовремено да ги намали ризиците од директна конфронтација со двете нуклеарни сили. Оттука, градот Шенжен во Кина би можел да стане центар за повеќе од една дипломатска средба. Тој би можел да биде тест за нов модел на капитална дипломатија, во кој договорите за безбедност, економија и регионално влијание повторно се поставуваат над принципите што го обликуваа меѓународниот поредок по Студената војна – вели наш соговорник, ценет македонски дипломат од кариера.

БРИСЕЛ ГО ГУБИ СТОЛОТ ЗА КОЈ СМЕТАШЕ ДЕКА Ѝ ПРИПАЃА НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА

Нашиот соговорник, дипломат со огромно меѓународно искуство, истакнува дека „најголемата европска грижа можеби не е што тројцата лидери ќе договорат, туку што би можеле да договараат без Европа“.
– Ете, сега, во каква ситуација се донесе актуелен Брисел со своите политики. Европската Унија, која со децении настапуваше како економски гигант и нормативен центар на меѓународната политика, сега се соочува со многу непријатна ситуација. Замислете, Брисел сега е во голем ризик да се најде во позиција на набљудувач на процеси што директно ја засегаат европската иднина?! Особено е чувствително прашањето за Украина, бидејќи секој договор меѓу Вашингтон и Москва би имал последици врз европската архитектура на повеќе полиња, политичко, економско, енергетско, ресурсно и се разбира безбедносно, без оглед дали европските престолнини би биле вклучени во неговото формулирање. Парадоксот е што Европа со години ја градеше својата „стратегија“ врз трансатлантското партнерство, а сега мора да се соочи со можноста американските приоритети да не се идентични со европските – истакнува нашиот соговорник дипломат.

МУЛТИПОЛАРЕН СВЕТ ИЛИ НОВ КРОЈ НА МАПАТА НА ВЛИЈАНИЕ

Сепак, нашиот соговорник напоменува дека „новата Јалта“, имено Шенжен, не би била „едноставна поделба на светот на три сфери“.
– Русија, Кина и САД немаат идентични визии за меѓународниот систем. Москва промовира мултиполарност, Пекинг има поширок интерес да ги унапредува и влијае на економските текови не само во Кина и во Азија туку и на глобален план, додека Вашингтон сè уште ја бара рамнотежата меѓу глобалното лидерство и политиката на национален приоритет. Дополнително, светот денес не е празна геополитичка табла. Да не ги заборавиме Индија, Бразил, Турција и влијателните држави од Африка и Блискиот Исток, кои располагаат со сопствени интереси и капацитети за влијание. Ниту една голема сила повеќе не може едноставно да претпостави дека преостанатите ќе ги прифатат нејзините договори, но се бори за да се приклонат кон нив – анализира нашиот соговорник.

НОВАТА ЈАЛТА МОЖЕБИ НЕМА ДА ЈА ПОДЕЛИ ЕВРОПА, НО МОЖЕ ДА ЈА ЗАОБИКОЛИ

Шенжен сè уште не е Јалта, ниту е апсолутно сигурна и потврдена агендата на разговори и преговори дека тројцата лидери ќе постигнат таканаречен „историски договор“. Но самата можност за нивна средба ја отвора суштинската дилема на новата епоха, односно дали меѓународниот поредок ќе продолжи да се темели врз заеднички правила или сè повеќе ќе се обликува преку директни договори меѓу најмоќните.
– Е, тоа е една многу интересна дилема, затоа што меѓународните организации, од нивното кондиционирање, по втората светска војна, па до денес, ги изгубија својата сила, моќ и влијание во светот. И меѓународното право падна со своето влијание. Затоа, помалите држави инсистираат на нивна реформа и зајакнување на капацитетите на ОН, на пример, во решавање на светските спорови. Но, да се вратам на темата. За Европа, вистинската опасност не е само можната поделба на светот, туку губењето на способноста да влијае врз неговото обликување! Тоа е колосална загуба на влијанието на актуелен Брисел на глобален план – истакнува нашиот соговорник, дипломат од кариера. Р.С.


Уреднички коментар

Бриселска карма: Оние што нас нѐ држеа во чекалницата, сега чекаат пред вратата!

  • Европа сега ја почувствува на своја кожа сопствената „политика на чекање“. Додека со години им ја мереше европската зрелост на
    балканските кандидати со критериум што постојано се продолжуваше, сега самата се најде пред затворената врата на светската геополитика. Сè се враќа, сè се плаќа!
  • Иронијата е речиси совршена. Истата таа ЕУ што со децении ги држи Македонија и другите земји од Западен Балкан во бескрајна интеграциска чекалница, сега и самата се соочува со сопствената европска верзија на чекање. Само што овој пат нема ново поглавје за отворање, нема
    дополнителен услов за исполнување, нема уште една реформска агенда и нема датум за следна меѓувладина конференција. Има само
    затворена врата и три големи сили пред неа. Добре дојдовте во чекалницата, господа од Брисел!

Има една стара политичка вистина. Имено, никогаш не понижувај го оној што утре може да ти биде огледало. Токму тоа денес му се случува на Брисел. Европската Унија, која со години се однесуваше како ексклузивен клуб со привилегија да одредува кој е доволно добар за членство, сега открива дека и самата може да остане пред затворена врата. Додека Трамп, Путин и Си Џинпинг се подготвуваат за разговори за големите светски прашања, Брисел нервозно од фоајето гледа кон вратата на просторијата во која се кројат новите геополитички релации. Некогаш арогантниот домаќин на европската политичка сцена сега е во ситуација да стане непоканет гостин на сопствената историска епоха. Иронијата е речиси совршена. Истата таа ЕУ што со децении ги држи Македонија и другите земји од Западен Балкан во бескрајна интеграциска чекалница, сега и самата се соочува со сопствената европска верзија на чекање. Само што овој пат нема ново поглавје за отворање, нема дополнителен услов за исполнување, нема уште една реформска агенда и нема датум за следна меѓувладина конференција. Има само затворена врата и три големи сили пред неа. Добре дојдовте во чекалницата, господа од Брисел!
Со години ни објаснуваа дека европската перспектива е процес, дека реформите се бесконечна обврска, дека критериумите мора да се исполнат, дека политичките компромиси се цена на европската иднина. Македонија ги менуваше политиките, уставните рамки, дипломатските позиции и сопствените очекувања, а европската цел постојано се оддалечуваше како хоризонт што никогаш не можеш да го допреш. Сега, кога големите играчи можеби ќе разговараат за светските предизвици и новите сфери на влијание, европските елити се прашуваат зошто никој не ги повикал. Каква непријатна промена на улогите!
Оние што со години ни објаснуваа дека не сме подготвени за нивната маса, сега се прашуваат зошто нив ги нема на масата на другите!?
И тука кармата ја покажува својата најиронична политичка страна. Не затоа што Европа мора да биде понижена, туку затоа што секоја политика на ароганција, условување и потценување порано или подоцна ја произведуваат сопствената политичка осаменост.

Секако, Брисел не е Македонија, а геополитичката маргинализација на ЕУ не е исто што и децениското блокирање на балканските интеграции. Но симболиката е моќна! Чувството дека за твојата иднина одлучуваат други, без да те прашаат, е искуство што Западен Балкан одамна го познава. Затоа, можеби е време ние, од балканската чекалница, да им поставиме едно едноставно прашање на европските елити: Какво е чувството да чекате пред вратата? Како е кога некој друг ги поставува условите, кога не знаете колку ќе трае процесот и кога вашето место на масата зависи од туѓата политичка волја? Не е пријатно, нели?
Брисел денес ја открива разликата меѓу декларираната моќ и вистинското влијание. Економската големина не гарантира геополитичка тежина, исто како што европските декларации за проширувањето не гарантираат членство. А политичкото самозадоволство не е замена за стратегија. Можеби токму затоа Шенжен е повеќе од дипломатски настан. Тој е огледало во кое Европа може да ја види сопствената слабост, но и последиците од либералните „демократски“ политики што предолго ги практикува. А особено кон оние што чекаат пред нејзините врати. И додека европските функционери бараат место во просторијата на големите, на Балканот има доволно луѓе што би можеле да им објаснат како изгледа животот во чекалница без рок на траење. Само што ние таму чекаме европска иднина, а Брисел сега чека да дознае каква иднина му подготвуваат другите. Сѐ се враќа, сѐ се плаќа. Кармата, очигледно, не бара виза за влез во Брисел. Р.Н.М.