ФУДБАЛ – ПО ПРВАТА ПОЛОВИНА ОД СЕЗОНАТА
- За оваа табела УЕФА ги смета резултатите на тимовите во сите три европски купа, нивните пласмани на табелата, напредокот во нокаут-рундите… Англија го задржа водството на табелата, но на второто место изби Португалија
По заокружувањето на првата половина од лигашката фаза на трите европски фудбалски купа има промена во пласманот на првите две места на табелата на Европската фудбалска унија (УЕФА), според која две земји на крајот на сезоната ќе добијат по едно дополнително место во Лигата на шампионите (ЛШ) идната сезона.
Во Лигата на шампионите и во Лига Европа се одиграа по четири од предвидените осум кола, а во Конференциската лига три кола од вкупно шест што треба да се одиграат пред осминафиналето. За оваа табела Европската фудбалска унија ги смета резултатите на тимовите во сите три континентални клупски натпреварувања, потоа нивните пласмани на табелата, напредокот во нокаут-рундите…
Англија го задржа водството на табелата, сега со коефициент од 9,166, но на второто место изби Португалија со 8,9, трета е Белгија со 8,4, а второпласираната пред ова коло, Германија, сега е на четвртото место, со коефициент од 8,285.
Во оваа рунда во трите европски купа деветте англиски клуба остварија пет победи, едно реми и три пораза, петте португалски тима забележаа четири победи и еден нерешен резултат, петте белгиски екипи имаа три победи и две ремија, седумте германски клуба забележаа по три победи и порази и едно реми…
Дополнителните места преку ова рангирање Европската фудбалска унија ги воведе пред три сезони. Во првата сезона победија Германија и Италија, а тие места за сезоната 2024/2025 во Лигата на шампионите, како петтопласирани во домашните првенства, ги освоија Борусија Дортмунд (играше во четврт-финалето) односно Болоња. Во следните две сезони најдобри беа Англија и Шпанија, со тоа во Лигата на шампионите во сезоната 2025/2026 настапија Њукасл (осминафиналист) односно Вилјареал, а сезонава тоа се Ливерпул односно Бетис. Н.М.
































