Фото: Ка.М

Во ОО на Сојузот на борци на НОАФБМ Прилеп се одбележаа  85 години од создавањето на партизанската химна „А бре Македонче“. Историчарот Рубинчо Белчески, претседател на Сојузот на борци и граѓани поддржувачи, низ текст и видео презентација посочи дека песната ,,пее” за слобода, борба, еднаквост, правда, за човечките подвизи, за затворските мачења, за тешкиот живот и дека е создадена во период од 23 октомври до 8 ноември 1941 година, во прилепско. Тој на омажот посочи дека песната „А бре Македонче“ во литературата и музичкото творештво се сретнува како народна патриотска песна и дека е создадена  во периодот од 23 октомври до 8 ноември 1941 година.

– Песната ја создале Крсте Црвенкоски (1921-2001), политички комесар на одредот, Коле Чашуле (1921–2009) и Ордан Михајлоски–Оцка (1921-1942). Секој од тројцата борци, имал свои афинитети, како кон пишаниот збор и литературата, така и кон музичкото творештво. Крсте Црвенкоски, како политички поизграден, а воедно и политички комесар на одредот имал удел во песната да испрати порака до борците и народот за помасовно учество во борбата.Коле Чашуле, со своето непофторливо надарено писателско перо, имал голем придонес во создавањето на песната. Ордан Михајлоски  – Оцка, како талентиран и образован музичар, кој свирел на виолина, воедно и голем љубител на литературата. Песната својата прва промоција ја имала во селото Царевиќ, прилепско, кога е одржан првиот митинг во поробена Македонија. Оттогаш песната станала препознатлива не само во прилепско, туки и низ цела Македонија. Таа станала химна, како на првиот прилепски партизански одред „ГоцеДелчев”, така и на останатите партизански одреди, односно на целото партизанското антифашистичко движење во Македонија – вели Белчески.

Според него во 85 годишното постоење, стиховите во песната претрпуваат измени, но суштински не изгубила од своето значење и цел.

-По ослободувањето, песната често се изведувала по разни поводи и одбележувања. Песната е дел од сталната поставка во Меморијалниот Музеј „11 ОКТОМВРИ 1941“ во Прилеп. Застапена е во збирки, во музика, во филм, а во последните години изведувана е и во странствво и поставувана на музички канали – потенцира историчарот Рубинчо Белчески, додавајќи дека песната и по 85 години не губи од својата актуелност, бидејќи „зборува” дека „македонско име нема да загине”.

 

 

Ка.М