Фото: ЕПА

Гледачите низ светот доаѓаат во контакт со различни аспекти од животот и културата во Кина

Откако ја гледаше кинеската драмска серија „Рана пролет“, маркетинг-аналитичарката Фам Ти Туј Лин од Виетнам секојдневно го слушаше и нејзиниот саундтрак, поради случувањата прикажани во серијата што ѝ се чинеа длабоко познати и ги одразуваа нејзините животни искуства.
– Иако не можам да ги разберам сите текстови, тие ми го допираат срцето – рече 35-годишната Лин.
Сместени во модерниот урбан живот, со прикажување на предизвиците на работното место и потрагата по љубов, кинеските драми, или Ц-драми, како што се познати, допираат до публиката далеку надвор од границите на Кина.
– Кинеските драми содржат различни жанрови, вклучувајќи современи проблеми и психолошки теми што привлекуваат млади виетнамски гледачи – рече Лин.
„Рана пролет“ се искачи на второто место на неделната глобална листа на „Нетлфикс“ за серии што не се од англиското говорно подрачје во октомври.
Профилите на социјалните мрежи на Џинг Боран, главната машка улога, привлекоа коментари од обожаватели низ светот. Некои од нив рекоа дека ја гледале драмата повеќепати и му се заблагодарија за неговата изведба.
Серијата „Незаменлив“, и покрај тоа што сè уште не станала голем хит во Кина, привлече два милиони прегледи во првата недела и влезе во најгледаните 10 содржини на платформата во 24 земји и региони. Сместена во измислен антички свет, „Потрагата по жад“ исто така покажа силен импулс. Од 2025 година е на врвот на пребарувањата на „Гугл“ за кинески костимирани драми низ целиот свет и собра повеќе од 10 милиони прегледи.
Како што повеќе кинески серии освојуваат публика во странство, гледачите се среќаваат со поширок спектар на поставки и приказни и доаѓаат во контакт со различни аспекти на животот и културата во Кина.

Студентката од Танзанија, Зена Саиди, ја привлекуваат кинеските драми поради нивната извонредна продукција, уникатна креативност и возбудливи заплети. За едно од нејзините омилени остварувања, „Приказната за розата“, таа вели дека „хероината е убава и интелигентна, а начинот на кој ја доживува љубовта ве тера длабоко да чувствувате за неа“.
Женските ликови и нивните доживувања се привлечни за гледачите во странство. На прекуокеанска услуга на кинеска платформа за стриминг, „Потрагата по жад“ се искачи на врвот на глобалните листи во првата половина од 2026 година. Некои гледачи во странство ја пофалија серијата затоа што ги прикажува жените како преземаат иницијатива за решавање проблеми.
Други популарни наслови на платформата се привлечни на различни начини. „Најдоброто нешто“ ја вплетува традиционалната кинеска медицина во љубовна приказна, додека „Брзина и љубов“ додава автотрки и бокс во романтичниот заплет.
Социјалните мрежи, исто така, го променија начинот на кој публиката се поврзува со сериите, бидејќи обожавателите преку нив ги споделуваат своите реакции. А кинеските платформи за стриминг го проширија својот глобален дострел, отворајќи повеќе можности за дистрибуција на драмите, користејќи ја технологијата за да ги надминат јазичните и културолошките бариери.