Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (40)
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот нуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, за да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите е и на одговорното сопствеништво на милениците.
На улица во Македонија куче што личи на кангал веднаш станува напуштен кангал. Куче што личи на хаски — напуштен хаски. Веднаш му се смислува и животна приказна: имало дом, имало сопственик, децата си поиграле, па „идиотот“ го фрлил на улица. Да ја примениме истата логика и на другите животни. Постојат бели паунови гулаби, бели кралски гулаби и бели гулаби писмоносци. Дали секој бел гулаб на плоштадот е напуштен од гулабарник? Дали секоја мачка со долго крзно во контејнер е ангорска, а секоја со влакненца на врвот на ушите е мејн-кун? Се разбира дека не. Зошто тогаш никој не тврди дека гулабите на плоштадот се напуштени расни птици, а мачките во контејнерите – расни миленици што некој ги исфрлил кога им здосадило на децата? И зошто секогаш има деца во тие нивни децениски сервирани празни приказни? Или се причина „за напуштање“ или го „задевале кучето што ги гризнало“. Сите знаеме дека деновите се броени за секој гулаб надвор од гулабарникот и за секоја расна мачка надвор од домот. Прашање на минути, часови и денови е нивниот опстанок на улица. Дека ќе се размножат не ни помислуваме, ни ние, ни тие. Но сето тоа некако е заборавено како да не важи кога станува збор за кучињата. За нив сакаме да измислуваме приказни сосема далеку од нивната биологија.
Според процените на Светската организација за здравје на животните (WOAH), и научниот преглед објавен во списанието „Енималс“ (2019), во светот има приближно една милијарда кучиња, од кои околу 75 отсто се слободно движечки (WOAH; Humane World for Animals, 2025; Animals, 2019), значи само мал дел се сопственички, а уште помал дел односно под 17 отсто, од нив се расни. Во Македонија проценувам дека бројката на расни кучиња е некаде под 5 отсто од севкупната бројка на кучиња. Зошто тогаш некој во Македонија е опседнат и гледа расни кучиња насекаде, а особено таму каде што навистина ги нема? Зошто постои потреба да се обвинуваат сопствениците на кучиња што во огромен процент се одговорни и си го сакаат миленикот? Рејмонд и Лорна Копингер во книгата „Кучиња: Ново разбирање за потеклото, однесувањето и еволуцијата на кучињата“ од 2002 година го анализираат односот меѓу кучињата, човечките населби и ресурсите што ги обезбедува човекот. А научниот труд „За потеклото на мелези: еволутивна историја на кучињата со слободно парење во Евроазија“, објавен во списанието „Просидингс оф д ројал сосајети Б“ во 2015 година, ја разгледува генетската историја на кучињата што се размножуваат без систематска контрола. Истражувањата на слободноживејачките и селските кучиња покажуваат дека нивната генетска историја не може да се сведе на мешавина од денешните раси. И тоа е сосема логично, зашто расите се настанати од слободните кучиња, а не обратно.
За да разбереме од каде потекнуваат кучињата што денес живеат слободно, мора да се вратиме многу подалеку од денешните станови, прифатилишта и одгледувачници. Кучето не започнало да постои со современите раси, кои се производ на многу модерна насочена човечка селекција. Далеку пред појавата на денешните раси, кучињата биле една дива односно слободна популација на каниди, како што и останале во поголемиот број (над 75 отсто сѐ уште живеат надвор од човечка контрола). Во текот на долгата историја на нивното приближување кон луѓето преку достапната храна околу човечките населби се создавал главниот ресурс за овие сештојади. Остатоци од храна, коски и други јадливи отпадоци од зеленчуци и овошја биле извор на енергија без потреба од постојано активно талкање или ловење плен. Животните што можеле да опстанат во таква средина имале можност да останат блиску до населбите, да преживеат и да се размножуваат. Тука е суштината што често ја забораваме: човекот по неколку милениуми почнал да одвојува единки од оваа популација на кучиња за да создава миленици со посакувани особини. Преку селекција и контролирано размножување во „заробеништво“, со текот на времето ги создал денешните раси — кучиња со одредена големина, изглед, темперамент и способности за лов, чување или дружење. Но и кучиња што се целосно имунолошки, биолошки и психолошки зависни од човекот преку трајното губење на инстинктите за преживување. Тоа е цената што милениците ја плаќаат за човечката грижа и нега. Таа селекција на мал дел од популацијата како миленици не ја избришала мнозинската популација на кучиња. Кучињата што живеат и се размножуваат без систематска човечка контрола се мнозинство, постоеле пред денешните раси, постојат паралелно со нив и продолжуваат да се развиваат и размножуваат и денес. Тие не се појавиле дури кога некој сопственик решил да напушти миленик што и онака е неспособен да опстане без човечка грижа и нега.
А сега да се вратиме во Македонија и да замислиме на момент дека сите светски референтни етолошки истражувања едноставно не важат тука, зашто ние нели имаме многу луѓе јаки на Фејсбук со огромни познавања за кучињата, темелени на години искуство во давање вчерашна манџа пред зграда и хордашење. Доколку сите слободни кучиња на улица се нели напуштени миленици, тогаш структурата на таа популација би била идентична како милениците што се чуваат дома. Каде се во Центар уличните малтезери, во Аеродром уличните бишони, во Козле уличните померанци и во Карпош уличните пудли? Каде се кучињата од малите придружни раси што луѓето ги чуваат во најголем број во своите урбани домови? Такви миленици едноставно нема во уличните популации во Македонија. Нула! Ако уличните кучиња главно потекнуваат од напуштени миленици, пропорционално, не само што би постоеле туку би имале мнозинство кучиња од овие мали салонски раси, кои би создавале глутници. Наместо да гледаме кучиња над 40 кг како дремат пред зграда во Тафталиџе, ние би требало да гледаме глутници померанци како се борат за женка и немилосрдно напаѓаат велосипедисти и „Старо купуем“.

Расните кучиња се селектирани за живот во тесна поврзаност со човекот. Тоа го знае науката, но го знае и секој сопственик на куче. Големината, физичките особини и потребата од редовна нега ги осудуваат на брза смрт во сурови улични услови. За разлика од нив, слободноживејачките популации се обликувани низ генерации на природна селекција, со генетска разновидност и бихевиорални и морфолошки особини што им помагаат да опстанат без непосредна човечка грижа. Фактот дека по некое домашно куче може да преживее на улица (единствено со храна и нега од „добронамерни граѓани“) не значи дека домашните миленици се изворот што ја одржува уличната популација. Поединечни случаи на напуштање што треба строго да се казнат не можат да ги објаснат потеклото и долгорочното одржување на цела популација.
Отворени контејнери, растурено ѓубре, диви депонии, пазари, индустриски зони и периферни населби создаваат достапни извори на храна за сите синантропни животни. Кога животното може да најде храна без да вложува многу енергија во нејзиното барање, тоа влијае врз неговата секојдневна активност. Кучињата што редовно се хранат пред згради остануваат во близина на местото каде што храната им е достапна, наместо да скитаат надалеку. Прекумерното хранење доведува до несоодветно дебелеење констатирано кај сите маалски кучиња. Достапноста на храната влијае врз движењето, однесувањето, преживувањето и размножувањето на животните. Кога храната постојано им е достапна на едно место, тоа место станува центар на нивната активност. Колку повеќе достапни ресурси нуди околината толку се поповолни условите за опстанок и одржување на животинските популации. Во Македонија имаме постојан извор на храна што привлекува животни и им овозможува да се задржуваат, преживуваат и размножуваат во човечките населби. Ако сакаме да ја намалиме бројноста на животните што живеат од нашиот отпад, мораме да го намалиме отпадот што им е достапен, но и да забраниме улично хранење на овие животни додека „добронамерните граѓани“ можат да волонтираат во соодветни ЈП и шелтери што постојано молат за помош. Помалку достапна органска храна на депониите и околу контејнерите значи помалку ресурси за уличните кучиња, мачките, враните и другите животни што се собираат на овие места. Со намалување на достапната храна се намалуваат и условите што овозможуваат овие популации да се одржуваат во толкав број околу нашите населби. Ова не е прашање на симпатии кон кучињата, мачките или враните. Ова е прашање на екологија. Животните се собираат таму каде што има храна. Тие го користат ресурсот што им го оставаме. Отпадот не е само она што го фрламе. Тој е и ресурс што го создаваме за животните околу нас. Сакаме помалку животни по контејнерите и депониите? Тогаш мора да има помалку достапна храна во контејнерите и депониите. Едноставно е.
Ниту една политичка гарнитура не е виновна сама, но сите се виновни што управувањето со сметот не им е приоритет. Никој не предвидува дека со кревањето на животниот стандард неминовно расте и количеството ѓубре, кое е тесно поврзано со БДП на државата. Повеќе стандард, повеќе ѓубре, повеќе органски отпад и повеќе храна за животните. Додека расте нашиот стандард, мора да растат и капацитетите за управување со сметот. Ако управувањето остане југословенско, а ние одиме напред, не чудете се, мили мои, што ќе имаме сè повеќе кучиња, мачки, врани и стаорци по улиците, а со нив и повеќе болести, напади и нехигиена.
Илија Петковски
































