Фото: Емил Јовановиќ

Самит на иницијативата „Отворен Балкан“ во Охрид

„Отворен Балкан“ може да биде и можност за забрзување на патот кон Европската Унија, што претставува јасна и единствена политичка цел на регионот. Ова може да се заклучи според обраќањата на еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, во рамките на самитот на иницијативата „Отворен Балкан“ што вчера се одржа во Охрид.
– Ова е вистинската интеграција, а вистинската интеграција започнува со економијата и започнува со општеството. Регионот го има овој потенцијал и само регионот може да си ја испорача. „Отворен Балкан“ треба да продолжи понатаму со потпишување договори што ги олеснуваат животите на луѓето – истакна Вархеи.
Иницијативата „Отворен Балкан“ е наша заложба за стабилен регион, владеење на мир, за соработка и за економски развој, за подобар живот на нашите народи, порача Ковачевски.
– Нашата политичка цел е јасна и единствена – Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија. Местото на секоја земја од регионот е во Европската Унија. По тој пат одиме. Заедно се европеизираме. Земјите од Западен Балкан се тесно поврзани. Кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи. Европски е да си помагаме, а не да се кочиме и блокираме – нагласи Ковачевски.
Тој изрази надеж дека „Отворен Балкан“ ќе станува сѐ поатрактивна иницијатива и оти кон неа ќе се приклучат и другите држави од регионот.

Во Охрид беа присутни и албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ, а како набљудувачи и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето на самитот истакна дека би требало да биде договорено формирање работни групи што ќе се грижат за надминување на предизвиците во снабдувањето со храна и на полето на енергетиката.
– САД ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан“, но нашата поддршка се заснова на неколку работи. Прво треба да се работи не само за економска регионална соработка туку за соработка и интеграција во пошироката европска структура. Второ, веќе има многу иницијативи за создавање некаква економска интеграција. Ние ги поддржуваме сите оние што промовираат мир и стабилност меѓу земјите од Западен Балкан. И, трето, со цел ова да биде успешно треба да биде отворено за сите. Секоја иницијатива треба да ги вклучува сите шест земји од Западен Балкан на еднакво ниво – рече заменик-државниот секретар Габриел Ескобар во видеообраќањето до учесниците на самитот.