Тоа што не го разбираат или не сакаат да го разбираат претставниците на политичката и владејачката елита и нејзините апологети (иако на сите им е добро познато) е дека дури и да почнат преговорите (по уставните измени), дури и да се согласиме со сите уценувања и понижувања од соседните држави (притоа, не заборавајте дека допрва ќе пристигнат нови и пострашни ЕУ-уцени и понижувања за сите земји од соседството што не се членки на ЕУ, не само за Македонија), ирационално, неразумно, нелогично, па дури и бесмислено е да се очекува дека Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ, пишува академик Коцарев
Постои некаква, истовремено, и имагинарна и ирационална рамнотежа, хармонија меѓу природните, општествените и хуманистичките законитости, што некои дејци, творци и интелектуалци со своето однесување и дејствување се обидуваат да ја воспостават. Тоа однесување и дејствување би требало, според мое мислење, да се водат од максимите „Кој не ја спречува неправдата кога може, ја нанесува!“ и „Вистината што не е изречена во вистинско време е полоша од лагата“. Како дел од тие активности, парафразирајќи го Цицерон, пишувањето есеи „може со мудри мисли да го обземе духот, а со убави зборови да го помилува духот; да го крене срцето на народот, да ги отстрани сомнежите на судијата, да даде решавачки совети, да ги заштити невините, да им помогне на бессилните, да ги спаси потиштените, да ги ослободи прогонетите, да ги повика заблудените, да ги издигне слабите, да ги понижи дрските, да ги надвладее противниците, да ги придобие колебливите, да ги преобрази сомничавите, да ги затвори отпадниците, да ја поддржи правдата, да ја сруши неправдата и со истата сила да се брани и напаѓа“.
Во денешниов есеј ќе зборувам за ирационалното и имагинарното. Нивното значење во секојдневниот живот е општоприфатено: ирационалното значи неразумно и нелогично, додека, пак, имагинарното се однесува на нереалното и замисленото. Меѓутоа, во различни области на науката (филозофија, психологија, антропологија, социологија, економија, логика, математика), нивното значење, од различни аспекти, различно се дефинира и се претставува. Интересен пример е концептот „имагинарно“, чиј модерен пристап започна со есејот „Имагинација“ од Сартр, првпат објавен на француски во 1936 година, а потоа проширен и надграден во филозофијата, психоанализата, антропологијата, социологијата, од редица мислители, вклучувајќи ги, на пример, Милс, Лакан, Касторидис, Андерсон и Тејлор. Имагинарно општество (заедница) е збир на вредности, институции, закони и симболи, преку кои луѓето ја замислуваат својата социјална целина. За Лакан, структурата „имагинарно – симболично – вистинито“ претставува централна основа на неговото учење, кое почна да го развива во 1953 година и детално го образложи на својот познат семинар (1974 – 1975). Тој таа структура ја претстави со три прстени во тридимензионален простор, кои се тополошки поврзани и не можат да се одвојат еден од друг, но кои се распаѓаат на два неповрзани прстена кога барем еден од нив ќе се пресече или отстрани. Андерсон во „Замислени заедници“ ја третира нацијата како „замислена политичка заедница… нацијата, како и национализмот, се културни артефакти од одреден вид“.
Во однос на ирационалното, денес ќе посочам два примера. Првиот пример е прашањето за или против ЕУ, коешто, се разбира, е ирационално и бесмислено, но секогаш кога претседателот на МАНУ или некои членови на Академијата аргументирано ќе ги оспорат Преспанската спогодба и Договорот за добрососедство со Бугарија, веднаш Академијата ја добива етикетата „антиевропска“. Повеќепати сум пишувал и говорел, а верувам и дека сите членови на МАНУ ќе се согласат со мене, дека МАНУ не е против ЕУ, туку, напротив, МАНУ е за ЕУ, но за Унија во која Македонците ќе бидат рамноправен и достоинствен народ со сите други народи во ЕУ. Тоа што не го разбираат или не сакаат да го разбираат претставниците на политичката и владејачката елита и нејзините апологети (иако на сите им е добро познато) е дека дури и да почнат преговорите (по уставните измени), дури и да се согласиме со сите уценувања и понижувања од соседните држави (притоа, не заборавајте дека допрва ќе пристигнат нови и пострашни ЕУ-уцени и понижувања за сите земји од соседството што не се членки на ЕУ, не само за Македонија), ирационално, неразумно, нелогично, па дури и бесмислено е да се очекува дека Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Постојат две причини за тоа: прво, сѐ додека земјите членки на Унијата имаат право на вето за прием на нови членки – проширувањето ќе биде блокирано и, второ, ЕУ или некои нејзини членки се против вклучувањето нови полноправни членки со право на вето. И, тука се соочуваме со клучната порака од култниот роман/филм „Catch-22“, поточно Македонија влегува во „маѓепсан круг“: според сегашното устројство на Унијата, за воведување алтернативи за полноправно членство на Македонија во ЕУ и/или за отстранувањето на правото на вето на земјите-членки на ЕУ треба консензус од сите членки. Во тоа е и суштината на „маѓепсаниот круг“: тоа ниту денес ниту во далечна иднина нема да се оствари, па, така, преговорите ќе траат бесконечно долго, дури и да предадеме и да продадеме сѐ!
Вториот пример е ирационалното тврдење во една рецензија напишана во 2022 година дека во книга објавена на македонски јазик во 2009 година се воведува нова научна дисциплина, а станува збор за тема поврзана со драмата, театарот и психологијата – дисциплини со милениумско постоење. Ова е особено ирационално затоа што во денешниот дигитален свет, потребни се делови од минутата да се пронајде, на пример, дека Роберт Рос (Robert Ross), професор на Универзитетот „Станфорд“, во 1938 година, објавил една статија во едно списание, со наслов „Студии за психологија на театарот“ (на англиски „Studies in the Psychology of the Theater“). Покрај елементарно познавање од дисциплината за која се пишува рецензија, пишувањето рецензии подразбира и интегритет, а не импровизација!
Во последниот дел од овој есеј ќе се осврнам на концептот „имагинарен број“. Наједноставен начин да се објаснат имагинарните броеви е да забележиме дека резултатот кога еден број ќе се помножи сам со себе е секогаш позитивен број. Така, на пример, 2 помножено со 2 е +4, но и кога –2 се множи со –2 се добива истиот резултата: +4. Дали воопшто е можно резултатот од множењето на броевите сами со себе да биде негативен? За да е потврден одговорот на ова прашање, математичарите вовеле имагинарни броеви – тоа се броеви за коишто важи правилото: множењето на имагинарните броеви со самите себе дава секогаш негативен резултат. Иако имагинарните броеви се составен дел на квантната теорија уште од нејзините почетоци во 1920-тите, долго време тие се сметаа како помошен алат за опишување на квантната механика. Неодамна, во декември 2021 година и во јануари 2022 години, три независни групи физичари експериментално покажаа дека верзијата на квантната механика без имагинарни броеви води до погрешен опис на природата. Така, не само имагинарните заедници (нациите) туку и имагинарните броеви се реални објекти. Впрочем, за Лакан терминот „имагинарен“ не е едноставно синоним за фиктивно или нереално; напротив, имагинарните идентификации можат да имаат многу реални ефекти.
Според професорот по филозофија Мајкл Хјумер (Michael Huemer), од четирите објаснувања за политичките несогласувања, ирационалноста е најважниот фактор: луѓето не се согласуваат за политичките прашања, главно, затоа што повеќето од нив се ирационални кога станува збор за политика. Но ирационалноста на македонските политичари во однос на терминот нација – како имагинарната заедница, особено кога станува збор за Македонците и македонската нација, нема никакво оправдување. Нема никакво оправдување за ваквото нивно однесување, што, всушност, секојдневно предизвикува болка и страдање кај сите Македонци што живеат во денешна Македонија, во соседните држави, вклучувајќи ги Грција, Бугарија и Албанија, и низ светот. Затоа апелирам: престанете со вашите антимакедонски, неморални, лукративни и сервилни постапки и однесувања и погрижете се да го зачувате достоинството, барем за идните генерации на македонскиот народ!