Благоја Шундовски, новинар и публицист од Демир Хисар
Македонската историја и културна меморија често се наоѓаат во фокусот на јавните дебати, а новинарството и публицистиката играат клучна улога во нивното толкување и зачувување. Еден од најгласните и најпосветени автори на ова поле е Благоја Шундовски, новинар и публицист од Демир Хисар, чија работа е препознатлива по силниот критички тон и по инсистирањето на автентичноста на македонскиот идентитет. Во ова интервју, Шундовски зборува за улогата на новинарството во зачувувањето на историската меморија, за личната инспирација што го води во неговата работа, како и за идните проекти што ќе ја продлабочат дебатата за македонската автентичност. Тој споделува размислувања за тоа како неговото родно место Демир Хисар влијаело врз неговата публицистичка работа, како се дополнуваат новинарството и книжевното творештво и што би им порачал на младите генерации во нивната потрага по историска свест и идентитет.
Како ја гледате улогата на новинарството во зачувувањето на македонската историска меморија и идентитет?
– Новинарството, според мене, има многу поголема улога во зачувувањето на историската и колективната меморија отколку што понекогаш сме подготвени да му признаеме. Она што денес е вест, утре станува документ, а по неколку децении може да биде драгоцен историски извор. Во таа смисла, новинарот, сакал или не, станува еден од првите архивари на времето во кое живее. Тоа го потврдува и моето лично публицистичко искуство. Добар дел од моите истражувачки стории и публицистички текстови се инспирирани токму од старите хемеротечни записи – од кратка вест, репортажа или новинарска белешка објавена пред повеќе децении. Зад неколку пожолтени реда, едно име, датум или навидум спореден детаљ понекогаш се крие многу поголема приказна. Таквите записи ме упатувале кон архивски документи, фотографии, сведоци и семејни преданија. Од една стара новинарска белешка може да се реконструира приказна за подзаборавена личност, да се осветли важен настан, да се лоцира место што исчезнало од колективната меморија или да се откријат нови белези на некоја традиција.
Затоа за мене хемеротеката никогаш не била само збирка пожолтени весници. Таа е временска капсула во која вчерашната вест го чека денешниот истражувач да ѝ постави нови прашања. Можеби токму затоа и самиот речиси инстинктивно сум го чувал она што сум го создавал. Замислете, уште од 1985 година до денес ги чувам речиси сите новинарски прилози што сум ги пишувал, како и голем дел од емисиите, репортажите и документарните содржини што сум ги снимал. Меѓу нив се и трудови со кои сум освојувал највисоки признанија на државно ниво, со некои и повеќекратно. Новинарот не е историчар и не треба да претендира да го замени. Историографијата има своја научна методологија и критика на изворите. Новинарот и публицистот, пак, можат да откријат и да зачуваат материјали што подоцна ќе бидат предмет и на научна проверка. Затоа се придржувам до едно едноставно правило: авторот има право на сопствено толкување, но нема право на сопствени факти.
Што Ве инспирира да пишувате и да се борите за овие теми и како Вашето родно место Демир Хисар влијаело врз Вашата публицистичка работа?
– Кога денес се навраќам наназад, сфаќам дека тој порив постоел многу порано од моето професионално занимавање со новинарството. Можеби најточно би го нарекол хроничарски немир – потреба да се пронајде, да се забележи и да се зачува трага од времето. Имав осум години кога моето семејство од Вардино се пресели во Мургашево, денешен Демир Хисар. За едно дружељубиво осумгодишно дете тоа не е некаков драматичен пресврт. Ќе најдете нови другарчиња и ќе продолжите да ја градите сопствената мала историја. Но на само неколку десетици метри од нашата куќа се наоѓаше „Исак-џамија“, изградена во османлискиот период. Од повозрасните често слушав дека Мургашево отсекогаш било населено со муслиманско население. Во мене остана едно навидум едноставно детско прашање: дали навистина било така? Тоа прашање го носев во себе педесетина и повеќе години. Многу подоцна детската љубопитност се претвори во истражувачки предизвик. Не тргнав однапред да докажувам дека некој не бил во право, туку да проверам што велат документите. Ако во Мургашево живеело и православно население, каде била неговата црква и каде биле погребувани луѓето, ако денешните градски гробишта датираат од дваесеттите години на минатиот век? Следуваа истражување, проверка на документи и консултации со познатиот охридски историчар Димитар Смилевски, како и со историчари архивисти од Одделението на Архивот на РМ во Битола. Постепено дојдовме до документирани сознанија за старото население, местоположбата на црквата и местото каде што биле погребувани старите православни жители на Мургашево.
Мене ме фасцинира токму тој момент – кога усното предание ќе го соочите со документот, а претпоставката со проверливиот факт. Преданието може да го постави прашањето, но документот треба да помогне да го најдеме одговорот. Вировските валавици ме научија дека кога исчезнува еден стар објект или занает, не исчезнува само материјалното. Исчезнуваат зборови, звуци, знаења, човечки односи и цели мали светови. Локалната историја не е мала историја. Така, од старите монети и разгледници, преку писмата, магнетофонските ленти, микрофоните, камерите и новинарските записи, до музејот на радиото, денес препознавам една иста нишка. Затоа Демир Хисар за мене одамна не е само географија на детството и родниот крај. Го доживувам како отворена архива.
Кои се Вашите следни проекти – дали планирате нова книга, серија колумни или јавни настапи што ќе ја продлабочат оваа дебата?
– Кога зад себе имате околу три децении новинарска и публицистичка работа, тешко е следниот проект да го доживувате како нешто сосема одвоено од претходното. Повеќе го чувствувам како продолжение и заокружување на она што сум го истражувал, запишувал, снимал и собирал низ годините. Зад тој период останаа неколку публикации, како и месечни општински изданија што ги подготвував додека работев како консултант за односи со јавноста, деловни комуникации и деловен протокол. Посебно место има – за тоа време мошне амбициозниот – мултимедијален проект што содржи ЦД-РОМ и ВХС-касета со документарна видеорепортажа за културно-историското наследство на селата во Демир Хисар, финансиран од Светската банка преку проектот „Развој на општините преку културата. Најголемиот дел од професионалниот багаж, сепак, го сочинуваат неколкуте стотици новинарски прилози за мојата матична куќа Радио, подоцна Радио-телевизија Демир Хисар. Во периодот од 1986 до 1996 година, работев новинарски и дописнички прилози и за Радио-телевизија Скопје, а соработував со дневните весници „Вечер“ и „Време“, неделните магазини „Патоказ“ и „Балканска газета“, како и со неколку медиуми на македонските иселеници во Австралија. Од денешна дистанца, сфаќам дека многу од тие текстови, снимки и репортажи одамна престанале да бидат само дневно новинарство. Времето им дало нова вредност – станале своевидна хроника на луѓето, настаните и промените низ кои минувал Демир Хисар. Во 2023 година го промовирав мојот посериозен монографски проект „Бисерни години – естрадни маки големи“, кој, според повеќе книжевно-издавачки параметри, претставува своевиден книжевен раритет. Но овде можам да најавам и нешто сосема конкретно. Ако сè се одвива според планираното, есенва, здравје, очекувам да биде промовиран првиот том од „Од заборав извадено“ – истражувачки стории, сведоштва и публицистички записи од Демир Хисар, во обем од околу 600 страници.
За мене тоа не е само уште една книга. Во неа на едно место се среќаваат речиси сите нешта за кои зборуваме – новинарското истражување, документаристиката, усното сведоштво, архивскиот документ, локалната историја и хроничарската потреба нешто да се зачува пред да го прекрие заборавот.
И насловот не е случаен. „Од заборав извадено“ ја објаснува суштината на мојот повеќегодишен истражувачки и публицистички интерес: да се вратат во јавната меморија луѓе, настани, сведоштва и факти што останале на маргините или почнале да исчезнуваат од колективното паметење. По толку години работа, сè повеќе сум убеден дека вредноста на новинарскиот текст не се мери само со бројот на читатели или слушатели во денот кога е објавен. Понекогаш вистинската вредност се покажува многу подоцна – кога некој ќе посегне по стар текст, фотографија, снимка или книга и во нив ќе го пронајде она што времето веќе почнало да го брише. Затоа „Од заборав извадено“ го чувствувам и како своевидно враќање на долгот кон Демир Хисар и кон луѓето чии приказни заслужуваат да не завршат со последниот човек што ги памети.
Како Вашата публицистичка работа се дополнува со книжевното творештво – дали гледате разлика меѓу новинарската анализа и книжевната интерпретација на историјата?
– Разлика постои и важно е да постои, но не ја гледам како непремостлив јаз. Во новинарството фактот ме ограничува – и така треба да биде. Истражувачкото новинарство бара проверка, повеќе извори и постојано сомневање во првиот најлесен одговор. Документаристиката настојува да го зачува автентичното сведоштво. Публицистиката ми овозможува да го ставам фактот во поширок историски, општествен и човечки контекст. Хроничарската работа додава уште една димензија – свеста дека она што денес го бележиме утре можеби ќе биде единствената зачувана трага за некој човек, настан или исчезнат начин на живот. Книжевноста располага со поинаква слобода. Новинарот прашува: што се случило, кога, каде, кому и зошто? Книжевноста може да продолжи таму каде што документот запира и да праша: што направил тој настан со човекот, како го паметел, што премолчел и што понел со себе низ животот?
Но границата мора да биде јасна. Книжевната имагинација има право да создава светови. Публицистот што настапува со историско тврдење мора да може да покаже врз што го темели. Особено ме привлекува токму таа граница меѓу документот и човечката приказна. Сувиот архивски податок понекогаш кажува многу малку за човекот зад него. Човечкото сеќавање, од друга страна, е драгоцено, но подложно на заборавање и субјективност. Задачата на публицистот е внимателно да ги соочи. Кога денес го гледам сопствениот пат, би можел да го опишам како движење од љубопитноста на колекционерот, преку новинарот и документаристот, кон публицистот и хроничарот. Во основата останала истата потреба: да ја пронајдам трагата, да ја проверам, да ја запишам и, ако е вредна, да ја оставам на оние што доаѓаат по нас.
Што би им порачале на младите генерации во Македонија во однос на нивното разбирање на историјата и идентитетот и како тие можат да ја продолжат оваа борба за автентичност?
– На младите не би им порачал слепо да веруваат во сè што им кажуваме ние постарите. Напротив – би им порачал да прашуваат, да проверуваат, да читаат и да истражуваат. Историската свест и идентитетот не се чуваат само со големи зборови. Понекогаш се чуваат со една стара фотографија на која навреме сме запишале кои се луѓето, каде и кога е направена; со дигитализирано семејно писмо; со снимен разговор со бабата или дедото; со стар документ што не сме го фрлиле затоа што во тој момент ни изгледал безвреден. Денешните генерации имаат технолошки можности за кои ние некогаш можевме само да сонуваме. Со еден мобилен телефон денес може да се направи нешто за што нам ни беа потребни микрофони, магнетофони, фотоапарати и многу повеќе време. Но технологијата сама по себе не создава историска свест. Потребни се љубопитност, образование и критичко размислување.
Особено би им порачал да разговараат со најстарите додека сè уште можат. Секој повозрасен човек носи своевидна мала усна архива. Кога тој човек ќе замине, а никој не го запишал или снимил неговото сведоштво, понекогаш со него исчезнува единствениот примерок на една приказна. Исто толку е важно да не се плашат од различни извори и различни толкувања. Нека ги споредуваат. Нека бараат документи. Нека поставуваат и непријатни прашања. И нека не дозволат социјалните мрежи да им бидат единствениот учебник по историја. Автентичноста на сопствениот идентитет не се брани со страв од фактите, туку со нивно познавање. Човек што знае кој е и од каде доаѓа нема причина да се плаши од идентитетот, културата или од историјата на другиот. Не треба да ја изучуваме историјата за да останеме заробени во неа. Треба да ја познаваме за да не влегуваме во иднината без сопствена меморија.

































