Фото: „Нова Македонија“

ЗА ОВЧЕПОЛСКИТЕ РАБОТИ (10)

  • Со овој десетти напис се заокружува фељтонот „За овчеполските работи“. Низ изминатите девет продолженија беа презентирани извадоци и анализи од магистерскиот труд „Управување и маркетинг на туристичкиот потенцијал во Овчеполската Котлина“, материјали од едицијата во подготовка „Зборник за Овче Поле“, архивски сведоштва од весникот „Нова Македонија“, архивски податоци собрани од Ристо Гонев, Лазар Серафимов и Ацо Гонев и лични истражувања за хидрографската мрежа, сакралните објекти и археолошките наоѓалишта. Целта на овој фељтон не беше пасивно бележење на историските факти, туку
    директно соочување на институциите и јавноста со реалната состојба и потенцијалот на регионот

Општина Свети Николе, како административно и географско средиште на втората по големина котлина во Република Македонија, се наоѓа на клучна историска и економска пресвртница. Прашањето со кое се соочуваме не е како да се одржува статус кво или пасивно да се бара спас, туку како да се извршат целосна структурна трансформација и економска регенерација на просторот. Недозволиво е регионот и понатаму да се третира како транзитна периферија, стихијна зона за ветерни и соларни паркови и потенцијална депонија за дваесетина општини. Наместо тоа, неопходно е воспоставување автохтон, научно втемелен модел за одржлив развој и разумно употребување на потенцијалот со кој располага не само општината туку и целиот Овчеполски Регион.
Анализата на достапната документација и теренските истражувања недвосмислено покажуваат дека прашањето за водоснабдувањето и наводнувањето е почетна точка за напредокот на општината Свети Николе. Во деветтото продолжение од овој фељтон детално ја евидентиравме хидрографската слика на Овче Поле. Податоците за некогашните десетици активни воденици непобитно докажуваат дека оваа котлина располагала со исклучително моќен воден потенцијал. Денешната состојба, пак, покажува системски дефицит: земјоделците секоја летна сезона се соочуваат со недостиг од вода за наводнување, додека жителите на општината Свети Николе трпат рестрикции, падови на притисокот, дефекти и заматувања од регионалниот систем „Злетовица“. Причината лежи во децениското неефикасно управување со водните ресурси, што е потврдено од загубите на вода поголеми од 40 отсто, додека вештачката акумулација „Мавровица“ со години стои без планско намалување на талогот и со намален волумен. За надминување на овие предизвици, општината Свети Николе може да воспостави модел за локален хидролошки суверенитет преку: каскадно задржување нa поројните води, хидрогеолошки сондажи и нова мрежа на бунари, замена на отворените канали за наводнување со затворени цевководи под притисок, заштита на селските извори и култните чешми.
Овче Поле го носи своето име по овчарството, но денешниот фонд на овци бара системско зајакнување. Автохтоната овчеполска праменка мора да биде поддржана преку наменски локални програми. Солената земја – „герените“ во атарите на Мустафино, Ерџелија и околните села, како остаток од праисториското езеро, му дава специфичен минерален состав на млекото. Наместо фармерите да го пласираат суровото млеко по ниски откупни цени, неопходно е формирање сточарска задруга, која ќе воспостави современ погон за производство на автохтоно овчеполско сирење со заштитено географско потекло. Сточарството истовремено може да обезбеди природно шталско ѓубре за органска регенерација на почвите. Месностите со солена земја имаат големи количества подземни солени, но и топли и минерални води, кои досега не биле употребени. Отвореното градинарство во котлината е постојано изложено на ризик од овчеполските ветрови и доцните пролетни мразеви.

Трансформацијата во овој сектор може да се оствари со пластеници и полустакленици со системи за наводнување и затоплување. Овчеполието има исклучително висок број сончеви часови во текот на февруари и март, што овозможува природно затоплување на заштитените простори со минимални трошоци, што создава силна компаративна предност за рано производство. Лозарството и овоштарството исто така треба да се адаптираат според условите во регионот, но и современите технолошки достигнувања. Систем за создавање квалитетни производи со висока откупна цена и загарантиран пласман.
Клучен предуслов за реализација на овој модел е разбирањето на состојбата со човечките ресурси. Честа заблуда е дека во општината Свети Николе и Овчеполието воопшто немаат работна сила. Напротив, работна сила има, но реалноста на теренот покажува дека голем дел од неа е заробен во застарени индустриски навики, нископродуктивно физичко работење или пасивно чекање државни трансфери.
Проблемот не е квантитативен, туку структурен: постои јаз помеѓу вештините што ги поседува локалното население и барањата на новата рурална економија. За да се оствари оваа развојна платформа, општината, образовните институции и бизнис-секторот мора веднаш да почнат организиран процес на преквалификација и доквалификација на постојната работна сила, преквалификација за паметно земјоделство и агротехнологија, стручно оспособување за преработка на храна и енологија, обуки за рурален туризам, угостителство и лиценцирани водичи. Овој процес на преквалификација, со соодветна системска поддршка, може да создаде нова генерација локални претприемачи што нема да ја напуштаат општината, туку ќе ја водат нејзината економска обнова.
Како што аргументирав уште во магистерскиот труд од 2017 година, Овче Поле ги исполнува сите стручни критериуми за да биде профилирано како идна засебна туристичка дестинација. Иако досегашната институционална пасивност и вештачката поделба помеѓу Вардарскиот и Источниот Плански Регион го држат регионот во сенка,, природниот „магнетизам“ прави бројот на самоорганизирани посетители континуирано да расте. За да се реализира планираната трансформација, општината Свети Николе треба да превземе сериозни оперативни чекори за промена на постојното статус кво. Економска парадигма е јасна – Овче Поле не треба да чека надворешни мегаинвеститори, кои најчесто го изнесуваат профитот надвор, а зад себе оставаат исцрпено земјиште и деградиран простор. Со создавање услови за подобрување на условите за работа и зголемување на потребните вештини кај работоспособното население би се создал и акумулирал капитал што природно и самоодржливо ќе може сам по себе да се инвестира во понатамошно проширување на туристичките капацитети: во реставрација на старите селски куќи, во нови семејни винарници, модерни дегустациски пунктови, автокампови и сместувачки капацитети.

Овој развоен циклус целосно ја елиминира потребата од сомнителни и експлоататорски странски инвестиции. Само целосно проверени инвеститори би требало да имаат достапност до можноста за заработка од ресурсите на Македонија, и тоа никако да не е „на грбот“ на македонскиот народ, а единствениот надворешен капитал што треба да биде добредојден во секое време е оној од внимателно одбрани инвеститори од македонската дијаспора, односно иселеништво – луѓе што се емотивно и генетски односно семејно поврзани со македонската земја, кои го вреднуваат зачувувањето на македонскиот идентитет и кои се подготвени да вложат свеж капитал и меѓународно деловно искуство во развојот на својот роден крај.
Овче Поле има историска шанса да покаже дека со наука, планско управување со сопствената вода, остручена работна сила и почит кон природните ресурси и милениумското наследство може да се преобрази во поднебје за достоинствен и суверен живот за сегашните и идните генерации. За да се оствари тоа, постои волја како од населението во општината Свети Николе и соседните општини така и кај многумина од иселеништвото, а она што отсуствува е меритократија, која би довела до системска организација и поттикнување одржлив развој во регионот.
Туристичкиот потенцијал претставува најсилна алатка за промоција на македонскиот идентитет и економски раст и развој на сите општини во Република Македонија. Преку внимателно структуриран наратив, кој би се прикажувал на различни начини и во различни форми според потребата и интересот на посетителите, додека секогаш би ја задржувал основата на идентитетска и стратешка порака, имаме ретка можност да овозможиме модел на управување што би придонел не само за подобрување на стандардот на населението туку и за враќање на дел од иселените. Македонската приказна е со светски квалитет, а Овче Поле е во центарот на таа приказна. Свети Николе, како единствен град со име на светец во Републиката, не треба да ја пропушти шансата што му се дава од многуте посетители и да го занемари интересот на сите љубопитни туристи и патници. Добре дојдовте во мистичната Македонија и древното Овче Поле во новото време!


Што (не) знаеме за Овче Поле?

Овче Поле е еден од најпрепознатливите географски предели во Македонија, но и простор чие природно, археолошко и културно наследство сè уште не е доволно истражено и документирано. Под неговата денешна слика на пространа земјоделска рамница се крие сложена историја на човекот, природата и населувањето, од праисторијата, преку античкиот и средновековниот период, до современото време.
Дали знаевте дека во Овчеполието се пронајдени остатоци од мамут, сведоштво за далечното праисториско минато на регионот; регистрирани се археолошки локалитети со палеолитски наоди, кои сведочат за присуство на човекот во најраните периоди на праисторијата; во минатото функционирале ветерници, од кои сведоштвата потсетуваат на едно денес речиси заборавено поглавје од традиционалната економија на регионот; постојат извори на минерални, термални и други природни води, околу кои со векови се создавале локални преданија и традиции; на одредени места природни наслаги на сол излегуваат на површината или се наоѓаат непосредно под неа, појава поврзана со специфичната геолошка историја на просторот; во втората половина на минатиот век биле вршени геолошки истражувања поврзани со можноста за наоѓалишта на нафта и други подземни ресурси; во регионот биле одгледувани исклучително крупни овци, а во историските записи се споменува и еден од најтешките овнови измерени во поранешна Југославија; во народната традиција постојат преданија за пронајдени огромни човечки и животински скелети; постојат сведоштва за подземни ходници, тунели и засолништа, од кои некои според локалните преданија и историските записи биле користени сè до првата половина на минатиот век; поради својата отворена релјефна структура и изложеност, Овче Поле е познато по изразената ветровитост, што има значајно влијание врз климата, земјоделството и секојдневниот живот; истовремено, регионот се одликува со голем број сончеви часови во текот на годината, што претставува значаен природен потенцијал за земјоделството, енергетиката и туризмот.

Но можеби најважното прашање не е само што знаеме и како да научиме барем дел од сето она што не го знаеме, туку колку од приказната за Овче Поле сè уште не е откриено и како она што ни е познато можеме да го употребиме практично и да создадеме услови за економски раст и развој додека го промовираме македонскиот идентитет. Одговорот се наоѓа во десетте продолженија од овој фељтон, а пошироката слика за туристичкиот потенцијал на Македонија во истоимениот фељтон од минатата година, кој исто така беше објавен во десет продолженија на страниците на „Нова Македонија“. Н.Р.

(крај)

М-р Никола Ристевски

Авторот е магистер по маркетинг -менаџмент, публицист и истражувач