Фото: Пиксабеј

Војната со Иран го чинела американското Министерство за одбрана повеќе од 38 милијарди долари до 1 август, а нејзиното продолжување создава дополнителни трошоци од две до три милијарди долари месечно, процени непартиската Конгресна канцеларија за буџет.

Трошоците би можеле да бидат и повисоки во периоди на интензивни борби, се наведува во анализата објавена на барање на Брендан Бојл, највисоко рангираниот демократски претставник во Комитетот за буџет на Претставничкиот дом.

Според Конгресната канцеларија за буџет, најголемиот дел од директните трошоци произлегуваат од употребената муниција, замената на уништената опрема и зголемениот број воени летови и операции.

Проценката не ги опфаќа целосно трошоците за поправка или обнова на оштетените американски воени бази и други објекти во регионот, ниту трошоците за задолжување. Во неа не се вклучени ниту долгорочната здравствена заштита и надоместоците за американските војници што биле ранети или загинале во борбите.

Канцеларијата предупредува дека американските резерви на муниција се значително намалени и дека за нивно обновување би можеле да бидат потребни најмалку пет години, дури и ако производството биде забрзано.

Проценетата сума е приближно еднаква на претходната проценка на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој во сведочење пред Сенатот изјави дека војната чинела околу 37,5 милијарди долари.

Конгресната канцеларија за буџет, сепак, наведе дека Пентагон не одговорил на барањата да достави информации, поради што анализата во голема мера е изработена врз основа на јавно достапни податоци. Поради тоа, целосните трошоци од војната би можеле да бидат повисоки.

Војната се очекува да продолжи да влијае и врз растот на цените. Канцеларијата проценува дека годишната инфлација, мерена преку индексот на трошоците за лична потрошувачка, во првиот квартал од 2027 година ќе биде околу 0,5 процентни поени повисока од прогнозата направена пред почетокот на војната.

Како главна причина се наведуваат повисоките цени на енергијата, предизвикани од намалениот транспорт на нафта и природен гас низ Ормускиот Теснец и нарушувањата на пловидбата низ Црвеното Море.

– Покрај човечките жртви, овој непартиски извештај јасно покажува дека војната ги чини американските даночни обврзници десетици милијарди долари и продолжува да ги зголемува нивните трошоци – изјави Бојл.

Податоците од анализата ги објавија Конгресната канцеларија за буџет и Комитетот за буџет на Претставничкиот дом, а за проценката известија и агенциите „Асошиејтед прес“ и „Ројтерс“.