Фото: ЕПА

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) открило нови информации за Томас Метју Крукс, кој во јули 2024 година се обиде да го убие Доналд Трамп на предизборен митинг во Пенсилванија, соопшти американскиот министер за правда Тод Бланч.

– Станува збор за нови информации за напаѓачот, неговото потекло и историјата, односно за работи што претходно не ги знаевме – изјави Бланч на прес-конференција во Белата куќа, без да открие повеќе детали.

Според извор на „Ројтерс“, запознаен со новооткриените документи, Крукс нарачувал пакети користејќи го името на поранешниот американски сенатор и претседателски кандидат Боб Дол. Тој, наводно, преку „Амазон“ купувал и алатки за модификација на пушката.

Засега не е утврден мотивот за нападот, ниту се објавени докази дека Крукс бил дел од поширок заговор.

Трамп беше ранет во увото на митингот во Батлер, во сојузната држава Пенсилванија, на 13 јули 2024 година. Тогаш 20-годишниот Крукс испука осум куршуми од покрив на зграда во близина на местото на собирот, пред да биде застрелан и убиен од припадник на снајперскиот тим на Тајната служба.

Во нападот загина еден посетител на митингот, а уште две лица беа тешко ранети.

„Ројтерс“ објави дека новите информации се содржани во федерални документи, но американското Министерство за правда и ФБИ сè уште не ги објавиле сите детали од нив.