- Покрај личната и естетската димензија, изложбата носи и суптилен, но длабок еколошки и емотивен одглас. Таа го поставува прашањето за односот кон природните пространства што исчезнуваат пред нашите очи — пресечените трски, изменетите брегови и присвојувањето на она им припаѓа на сите
Што губиме во себе кога го уништуваме светот околу нас, прашува визуелната уметница Воскресија Андреевска преку нејзината мултимедијална изложба „Меѓу светови“ која ќе биде отворена на 17 септември, од 20.00 часот во Националната галерија на Македонија-Мала станица.
„Меѓу светови“ населува простор во кој времето забавува, простор помеѓу природата и човекот, помеѓу видливото и невидливото, помеѓу светот што постои околу нас и оној што го носиме во себе.

Од скриеното катче на творење, Андреевска создава сопствен визуелен свет преку спој од ликовни дела, инсталации и поезија, инспирирана од природата, водата, трските, пејзажите и тишината на просторот што ја опкружува. Природата во нејзината работа не е само мотив или пејзаж — таа е место на сеќавање, припадност, игра и враќање кон себе.
Изложбата е замислена како необично доживување, во кое преку флуоресцентни бои и специфична светлинска игра, просторот се трансформира и отвора поинаква перцепција на видливото. Посетителот не останува само набљудувач, туку е поканет да стане дел од тие светови, да ги почувствува и да ги доживее одвнатре.
Покрај личната и естетската димензија, изложбата носи и суптилен, но длабок еколошки и емотивен одглас. Таа го поставува прашањето за односот кон природните пространства што исчезнуваат пред нашите очи — пресечените трски, изменетите брегови и присвојувањето на она им припаѓа на сите. Светот што го познаваме се менува. „Меѓу светови“ не е само потсетник за убавината на природата, туку поставува и едно подлабоко прашање — што губиме во себе кога го уништуваме светот околу нас? Можеби светот што го гледаме пред нас и не е толку различен од светот што го носиме во себе.
Проектот е реализиран со делумна поддршка од Министерството за култура и туризам и Град Скопје. Ф.Д.



































