Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека во првите осум месеци од годината е регистрирано намалување на убиствата, обидите за убиства, разбојништвата и тешките кражби во споредба со истиот период лани. Во однос на убиството во Чаир, информира дека истрагата е во тек и изрази очекување осомничените набргу да бидат лишени од слобода.
Во гостувањето во централниот „Дневник“ на Македонската радио-телевизија, Тошковски рече дека се расчистуваат околностите поврзани со убиството во Чаир. Тој нагласи дека во оваа фаза не може да изнесува дополнителни детали за истрагата, но потсети дека и во претходни случаи на најтешки кривични дела осомничените биле обезбедени и против нив биле преземени соодветни мерки.
Одговарајќи на прашањето дали граѓаните се безбедни, министерот истакна дека одговорот треба да произлегува од конкретни показатели, а не само од поединечни случаи.
– Прашањето дали македонските граѓани се безбедни е легитимно. Слободно можам да кажам – да, но сепак станува збор за едно комплексно прашање. Тоа не би можеле да го толкуваме надвор од она што би требало да бидат бројки, статистика и реалност – рече Тошковски.
Според податоците што ги презентира, од јануари до август годинава бројот на убиства е намален од 19 на 12, што претставува намалување од речиси 37 проценти. Кај регистрираните сторители бројот е намален од 26 на 13, а бројот на жртви е намален од 20 на 12, односно за 40-ина проценти.
Кај обидите за убиство е регистрирано намалување од приближно 65 проценти, разбојништвата се намалени за 40-ина проценти, а тешките кражби за речиси 30 проценти во споредба со истиот период во 2025 година.
– Слободно можам да оценам дека имаме намалување на бројот на кривични дела од овој тип на насилен криминалитет. Кога би говореле за разбојништва, имаме намалување за речиси 40 проценти, а кога би говореле за тешки кражби, имаме намалување за приближно 30 проценти – посочи министерот.
Тошковски оцени дека овие показатели упатуваат на подобрување на безбедносната состојба во делот на насилниот и имотниот криминалитет, но додаде дека кај одредени категории е забележан пораст.
Како една од тие категории го посочи семејното насилство наведувајќи дека зголемениот број регистрирани случаи, според неговата процена, е поврзан и со поголемата охрабреност на граѓаните да го пријавуваат овој вид насилство. Во таа насока, истакна дека во Скопје е обезбедена достапност на дежурен судија, кој може веднаш да постапува по барањата на Министерството за внатрешни работи.
Значителен пораст, според министерот, има и кај кривичното дело безобѕирно управување со моторно возило. Во првите осум месеци од годината биле регистрирани речиси 2.200 вакви кривични дела, што е приближно седумпати повеќе во однос на истиот период минатата година.
Тошковски објасни дека зголемувањето е резултат на измените на Кривичниот законик и на примената на системот „Безбеден град“, кој овозможува поефикасна детекција на ваквите дела.
– Го имаме „Безбеден град“, кој ни помага и тоа како во овој дел на детекција на кривичните дела и поради тоа имаме драстично зголемување на бројот на кривични дела, седумпати повеќе од истиот период лани – рече Тошковски.
Тој нагласи дека при оценувањето на криминалитетот, покрај статистичките показатели, потребно е да се земат предвид и промените во законската рамка, како и начинот на откривање и регистрирање на кривичните дела.
































