Фото: Маја Јаневска-Илиева

Извршниот одбор на Народната банка на денешната редовна седница одлучи да ја задржи основната каматна стапка на нивото од 4,25 отсто. Одлуката се заснова врз најновите макроекономски показатели и очекувања, како и врз оцените за ризиците од домашното и надворешното окружување.

Како што се наведува во соопштението на Народната банка, движењата на девизниот пазар се стабилни, а во јули и август Народната банка интервенирала со откуп на девизи. Сепак, и натаму има повисока побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, делумно и поради повисоките цени на енергентите.

Девизните резерви и натаму се во сигурната зона и се на ниво соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот. Тие обезбедуваат 4,5-месечна покриеност на увозот на стоки и услуги.

Годишната стапка на инфлација се задржува на умерено ниво, но во август биле видливи ефектите од растот на светските цени на енергентите врз домашната инфлација. Извршниот одбор оценил дека сѐ уште е рано да се потврди одржливоста на трендот на забавување на инфлацијата, особено поради високата неизвесност во надворешното окружување.

Натамошното заострување на воените дејства на Блискиот Исток и на војната меѓу Русија и Украина придонесе за нов силен раст на цените на нафтата и на другите енергенти, како и за нарушувања во синџирите на снабдување. Овие случувања може да имаат пренесени ефекти врз девизниот пазар и домашните цени во следниот период.

И натаму се присутни и домашните фактори што влијаат врз побарувачката и создаваат ризици за идната динамика на инфлацијата. Во вакви услови, Извршниот одбор оценил дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна и дека неизвесноста налага задржување на претпазливиот пристап.

Задржувањето на основната каматна стапка, заедно со досегашните мерки во однос на задолжителната резерва и макропрудентната политика, според Народната банка, ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, долгорочно стабилизирање на инфлацијата и зацврстување на инфлациските очекувања. Овие мерки соодветно ќе влијаат и врз кредитните услови во економијата.

На последниот состанок во септември Европската централна банка ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени поради натамошните инфлациски притисоци поврзани со конфликтот на Блискиот Исток. ЕЦБ оценила дека инфлацијата ќе остане значително над целното ниво подолг период.

На крајот на август девизните резерви изнесувале 5.101 милион евра и се задржале во сигурната зона, во согласност со показателите за адекватност. Девизниот пазар е стабилен од почетокот на мај, а во јули и август Народната банка интервенирала со откуп на девизи.

Сепак, поради поголемиот износ на продажби на почетокот на годината, Народната банка во досегашниот период од 2026 година збирно интервенирала со нето-продажба на девизи. Промената на девизните резерви засега е малку подобра од очекувањата во априлската проекција.

Во август 2026 година годишната стапка на инфлација изнесувала 2,6 отсто, наспроти 2,3 отсто во јули. Растот на светските цени на енергентите се одразил и врз домашните цени преку забрзување на растот на енергетската компонента на инфлацијата.

Остварената инфлација е нешто пониска од очекувањата во априлските проекции, пред сè поради помалиот раст на цените на храната. Сепак, инфлациските притисоци и натаму се присутни, а големата променливост на увозните цени создава ризици за движењето на инфлацијата во следниот период. Најновите ревизии на увозните цени релевантни за инфлацијата се нагорни, при изразена неизвесност за идната динамика на цените на примарните производи на светските берзи.

Домашната економија останува отпорна и покрај неповолното и неизвесно надворешно окружување. Во вториот квартал од 2026 година реалниот годишен раст на БДП забрзал и достигнал 4,3 отсто, што е повисоко од априлската проекција. Растот делумно се должи на бруто-инвестициите, главно на градежните активности поврзани со големите инфраструктурни проекти.

Во монетарниот сектор кредитната поддршка и натаму е посилна од проекциите и претставува фактор што треба внимателно да се следи, додека растот на депозитната база засега не отстапува значително од проектираната патека.

– Народната банка и натаму ќе биде посветена на одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, како основен предуслов за обезбедување ценовна стабилност на среден рок. За таа цел, ќе продолжи внимателно да ги следи домашните и меѓународните економски и финансиски движења, да ги оценува нивните ефекти врз девизниот пазар и инфлацијата и е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност – наведуваат од Народната банка.