Фото: Пиксабеј

Пријавувањето на насилство е должност

Каде да се обрати родителот или ученикот доколку се посомнева дека неговото дете е жртва на булинг во училиштето и што да направи ученикот. Ова прашање се врти низ глава на многу родители и ученици кои се соочуваат со врсничко насилство, проблем чие решавање е и комплексно и бара системски ангажман.

Побаравме одговор во неколку основни и средни училишта кои потврдија дека постои административна процедура според која ученик/родител/наставник може да реагира по препознаен булинг. Оттаму објаснуваат дека секоја програма за тековната училишна година вклучува упатства како да се постапува во случај на насилство во училиштата, а тоа го вклучува и булингот меѓу учениците.

Како да препознаете дека детето е жртва на булинг

– Прва станица како треба да се обрати ученикот, родителот или наставникот е педагошко-психолошката служба во училиштето. Во разговор со педагогот и психологот ќе се утврдат првичните состојби и ќе се утврди формата на булинг. Секако, во меѓувреме, ако сотојбата се процени дека може да ескалира се информираат директорот и наставничкиот колегиум во училиштето. Понатаму, во зависност од случајот се информираат и се повикуваат да постапуваат и другите институции, како Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи … – посочуваат надлежните во училиштата.

Од средните училишта велат дека најмногу се фокусираат на едикација на наставниците и учениците околу значењето на булингот, како и последиците од него.

Има и Упатство

Најголем дел од психолозите во основните улиштата велат дека постапуваат според Упатството за постапка за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба или занемарување.

Овој документ од 49 страни кој е поставен на веб-страната на Министерство за образование и наука (МОН) вели и дека ги уредува мерките и активностите што ги преземаат основните училишта во случаите на насилство над ученик и мерките за промена на однесувањето на сторителот.

„Булинг претставува збир на намерни или негативни постапки, задавање или настојување да се зададе повреда или друг вид на непријатност и штета на друг ученик/ци. Овие постапки се подолготрајни и насочени кон ист ученик/ученичка или група ученици од страна на еден ист ученик/ученичка или група ученици. Булингот како поим означува агресија на еден кон друг ученик, најчесто на посилниот кон послабиот, при што напаѓачот или нападнатата страна може да биде поединец или група. Булингот може да се манифестира како физичко, психолошко или еоционално, социјално или сексулано насилство“, се дефинира во Упатството.

Пријавувањето на насилство или сомнеж за насилство е должност

Понатаму се посочува дека секој е должен да пријави насилство или сомнеж за насилство над ученик, без разлика дали се случило во училиштето, на патот до училиштето или во училишниот двор, во домот на ученикот или на кое било друго место.
– Наставниците, стручните соработници и директорот на училиштето се должни да го препознаат насилството, во секојдневното работење да внимаваат дали во училиштето се случува насилство, дали некој ученик е жртва на насилство и дали некој ученик се однесува насилно. Доколку забележат насилство, наставниците, стручните соработници и директорот на училиштето се должни да го применат Упатството – пишува во документот.

Насилството е често или постојано присутно во училиштата, потврдуваат 62,7 отсто анкетирани средношколци

Законски ќе се прецизира како да се постапи во случај на насилство во средно

Од Министерството за образование и наука велат дека заедно со Министерството за внатрешни работи, единиците на локалните самоуправи, училиштата, странските партнери, граѓанските организации, во континуитет работат на подигнување на свеста кај младата популација за потребата од толерантно однесување и надминување на конфликти без насилство.

-Една од поважните активности спроведена во оваа насока во изминатиот период е измената на законската регулатива и прецизирање на постапувањето при детекција на случаи на насилство врз ученици – велат оттаму.

Од МОН се децидни дека сите одредби со кои се зајакнува превенцијата од насилство, ќе бидат дел и од новиот Закон за средно образование кој е во фаза на изработка.

-Во меѓувреме, средните училишта исто така во своите програми за работа предвидуваат активности за подобрување на менталното здравје на учениците, за подобрување на комуникацијата, за препознавање и спречување на булинг и слично – заклучуваат од ресорното министерство.

Законот за основно образование е нов и има прецизни одредби и превенции за булинг

Од МОН нформираат дека Законот за основното образование, кој е усвоен во 2019 година прецизно во член 5 уредува дека вработените во основните училишта се должни да промовираат еднаквост меѓу сите ученици и активно да се спротивставуваат на сите облици на дискриминација и насилство.
Училиштата се должни во годишните програми за работа да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација. Активностите се остваруваат низ различни наставни и воннаставни активности со учениците, вработените, родителите, односно старателите на децата во соработка со општините, согласно утврдените потреби од страна на училишниот одбор, советот на општината или Педагошката служба. Меѓу активностите треба да се предвидат работилници за подобрување на менталното здравје на учениците, за подобрување на комуникацијата, за препознавање и справување на булинг и слично.
Во член 65-а е утврдено дека директорот на училиштето е должен да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице кое е вработено во училиштето, до надлежните институции утврдени со закон. Постапката за пријавување и заштита на ученик-жртва на било која од формите на насилство,злоупотреба и занемарување се утврдуваат со подзаконски акт – упатство, предложен од Бирото за развот на образованието, а донесен од министер.
– Со Упатството се уредуваат видовите на насилство, начинот на пријавување и постапување од страна на училиштата. Составен дел од Упатството се Формулар за евиденција на насилството и Формулар за план за заштита на жртвата од насилство. Стручната служба во училиштата е должна да постапува и за го заштити интересот на ученикот. Постои програма за психолошко советување на родители на ученици и на самите ученици кои во одредени периоди за време на училишниот престој, односно во текот на воспитно образовниот процес покажуваат извесни форми на несоодветно однесување за нивната возраст, иницирале или пак доживеале одредена форма на насилство, драстично го намалиле просечниот успех во учењето и слично – велат од МОН.