Фото: МЕРМС

Новите предлог-закони за геологија и рударство се современи, сеопфатни и во значителна мера усогласени со европските стандарди и меѓународните практики, покажала независната експертска ревизија презентирана денеска во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

На стручната средба, на која присуствуваше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, беа презентирани наодите од анализата и препораките за дополнително унапредување на предложените законски решенија.

Ревизијата ја изработија проф. д-р Вјечеслав Боханек и Кристи Дизни Брукнер, во соработка со граѓанската организација „Нов Трет Пат“. Во процесот биле вклучени и претставници на Министерството, Геолошкиот завод и Државниот инспекторат за енергетика и минерални суровини.

Експертите дале позитивна оценка за предложените закони, оценувајќи дека тие воспоставуваат јасна и меѓусебно усогласена рамка за геолошките истражувања и рударските активности.

Како дел од експертизата била направена и споредбена анализа со законодавствата на Австрија, Германија, Полска, Чешка, Финска и Хрватска. Според наодите, предложениот македонски модел е усогласен со релевантните европски практики.

Особено внимание во анализата е посветено на критичните и стратешките минерални суровини, управувањето со геолошките податоци, заштитата на животната средина, одржливото користење на природните ресурси, како и управувањето со рударскиот отпад и затворањето на рудниците.

Министерката Божиновска истакна дека целта не е само формално усогласување со европското законодавство, туку создавање функционална и применлива законска рамка која ќе обезбеди правна сигурност и услови за одговорни инвестиции.

 – Сакаме да донесеме закон кој ќе биде функционален, применлив и современ, закон кој ќе создаде јасни правила и правна сигурност, ќе овозможи развој на рударскиот сектор и одговорни инвестиции, но истовремено ќе гарантира дека јавниот интерес, граѓаните, животната средина и локалните заедници нема да бидат ставени во втор план – рече Божиновска.

Таа оцени дека Македонија има потенцијал за развој на рударството и искористување на минералните суровини, но оти тој развој мора да се темели на високи стандарди, транспарентни процедури, јасни правила и одговорно управување со природните богатства.

 – Рударството треба да биде двигател на економскиот развој, но придобивките од инвестициите мора да бидат пошироки – за државата, за економијата, за локалната самоуправа и пред сè за граѓаните – нагласи министерката.

Од Министерството велат дека новата законска рамка треба да обезбеди поголема предвидливост за инвеститорите, ефикасни и транспарентни постапки, јасно поделени институционални надлежности, заштита на животната средина и одржливо користење на минералните ресурси.

Предложените решенија предвидуваат и поголема вклученост на локалните заедници во процесите поврзани со рударските активности.

Кристи Дизни Брукнер има повеќе од 27 години професионално искуство во рударското законодавство, политиките за минерални суровини и одржливото управување со природните ресурси. Во текот на кариерата работела на развој и унапредување на законски и регулаторни рамки во повеќе од 70 земји.

Проф. д-р Вјечеслав Боханек, професор на Факултетот за рударство, геологија и нафтено инженерство при Универзитетот во Загреб, има искуство во подготовката на хрватската законска рамка и стратегија во областа на рударството и управувањето со минералните суровини.

Од Министерството оценуваат дека независната експертска ревизија претставува значаен чекор во финализирањето на двата предлог-закона, бидејќи овозможува дополнителна стручна проверка и споредба со искуствата на земјите членки на ЕУ.

Процесот на финализирање на Предлог-законот за геологија и Предлог-законот за рударство продолжува, со цел конечните решенија да бидат усогласени со европските стандарди, применливи во пракса и насочени кон одржлив развој на рударскиот сектор, но и кон заштита на јавниот интерес и природните ресурси.