Фото: ЕПА

Русија денеска го поздрави предлогот на САД за мораториум меѓу Москва и Киев на нападите врз енергетската инфраструктура, но порача дека за целосна стабилизација на енергетските пазари потребно е да бидат укинати и санкциите врз руските енергетски испораки.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека секој повик до Киев да ги прекине нападите врз цивилната економска инфраструктура е за поздравување. Тој потврди дека Москва ќе продолжи да контактира со Вашингтон за спроведувањето на иницијативата.

Реакцијата на Кремљ уследи откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека Русија и Украина се согласиле да се воздржат од напади врз енергетските објекти.

Сепак, Песков соопшти дека во текот на изминатата ноќ бил регистриран нов обид за напад врз руски енергетски објект.

 – Навистина, Украинците се обидоа да нападнат еден од енергетските објекти на територијата на Русија“, изјави Песков на редовната прес-конференција – пренесе ТАСС.

Говорејќи за состојбата на енергетските пазари, портпаролот на Кремљ оцени дека нарушувањата во снабдувањето и растот на цените главно се последица на, како што рече, „нестабилноста и новата ескалација на тензиите во регионот на Персискиот Залив“.

Песков смета дека укинувањето на санкциите против руските енергетски испораки би придонело за намалување на светските цени на енергијата.

 – Ако санкциите бидат укинати, светските цени на енергијата би требало да се намалат – рече тој, додавајќи дека дури и евентуалното отсуство на закани за рафинериите само по себе нема да ги реши проблемите со глобалното снабдување.

Тој оцени и дека руската домашна забрана за извоз на дизел-гориво би требало позитивно да влијае врз состојбите на домашниот пазар.

Во меѓувреме, неколку руски региони се соочуваат со проблеми во снабдувањето со гас, што може дополнително да влијае врз расположението на јавноста во пресрет на изборите, закажани од 18 до 20 септември.