Вкупно 606 прекршоци сторени од возачи на електрични тротинети се евидентирани во засилените сообраќајни контроли што Министерството за внатрешни работи ги спроведе во текот на август на територијата на целата држава.
Најчест прекршок било неносењето рефлектирачки елек при управување со тротинет во ноќни услови, за што биле изречени 162 санкции. Следуваат 134 санкции за некористење велосипедска или пешачка патека и 59 за неносење заштитен шлем.
Полицијата санкционирала и 45 случаи на превезување две лица со електричен тротинет, како и 20 малолетници кои управувале тротинет. Во рамките на контролите биле одземени и 18 електрични тротинети на период од 30 дена.
Најмногу прекршоци биле регистрирани на подрачјето на СВР Битола – 236, а потоа следуваат СВР Скопје со 97, СВР Струмица со 82, СВР Охрид со 57 и СВР Тетово со 27 прекршоци.
На подрачјето на СВР Велес биле евидентирани 18 прекршоци, во СВР Штип 13, а во СВР Куманово седум. Мобилната единица за безбедност во сообраќајот констатирала дополнителни 69 прекршоци.
Покрај прекршоците на возачите на електрични тротинети, во текот на засилените контроли биле констатирани и 3.665 други сообраќајни прекршоци, за кои биле преземени соодветни мерки и изречени санкции.
Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи.































