Меѓународните аналитичари открија редица сличности во тактиките и методите што ги користело НАТО при интервенцијата врз Србија и сегашните методи што ги користи Русија во Украина. Од барањето оправданост за интервенција во меѓународното право и загрозеноста на перемпторните „јус когенс“ принципи, преку употребата на тактичко распоредување на силите на терен и употребата на несразмерно голема воена сила во однос на противникот се прави проекција на истите методи и потези од воените учебници на т.н. стратешка воена оператика, кои беа својствени за Алијансата, а кои сега Русија ги користи во Украина

ИДЕНТИЧНИ, КАКО ОД УЧЕБНИК ПРЕСЛИКАНИ ВОЕНИ МЕТОДИ НА ИСТОЧНИТЕ И НА ЗАПАДНИТЕ СВЕТСКИ СИЛИ

Последниот развој на настаните во Украина и воените операции што ги презема руската армија изминатите денови покажуваат огромна сличност со потезите и тактиките на НАТО при неговите интервенции во повеќе земји назад низ годините.
Почнувајќи од барањето оправданост за интервенција во меѓународното право и загрозеноста на перемпторните „јус когенс“ принцип, преку употребата на тактичко распоредување на силите на терен и употребата на несразмерно голема воена сила во однос на противникот се прави проекција на истите методи и потези од воените учебници на т.н. стратешка воена оператика, кои беа својствени за Алијансата, а кои сега Русија ги користи во Украина.
Универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, ја нотира сличноста на потезите на Путин со оние на НАТО, конкретно во тактиката што Алијансата ја користеше за време на нападот на поранешна СР Југославија во 1999 година.
– Во тоа време, најпрво СРЈ и Србија беа обвинети за „геноцид“ (во Косово). Истиот модел го искористи и Путин, па така Русија ја обвини Украина за „геноцид“ во Донбас. Потоа, СРЈ и Србија беа обвинети за егзодус и „хуманитарна катастрофа“, па исто така и Русија ја обвини Украина за егзодус и „хуманитарна катастрофа“ – ги појаснува професорот Јанев првите руски чекори пред нападот на Украина.
Понатаму тој паралелата во идентичното однесување меѓу Русија и НАТО ја прави во делот на нивното толкување на меѓународното право.
– Без резолуција на ОН и согласност на меѓународната заедница, НАТО интервенираше во СРЈ и Србија, па сега исто и Русија без согласност на меѓународната заедница интервенираше во Украина. Влезот на странски сили на српска територија, Алијансата го дефинираше како влез на „мировници“, сега и Русија го користи истиот модел и руската војска ја нарекува „мировни сили“, кои биле повикани од новопризнаените држави Донецк и Луганск – појаснува Јанев.
Според него, идентично со однесувањето на НАТО е руското признавање на новопрогласените народни републики Донецк и Луганск.
– Сите западни држави го признаа Косово и воспоставија дипломатски односи, па така и Русија ги призна Донецк и Луганск и воспостави дипломатски односи – додава Јанев.
Професорот по меѓународно право, забележувајќи исклучителна сличност во потезите на Путин со оние на Алијансата, предвидува и кои би можеле да бидат следните чекори на Русија во периодот пред нас.
– Русија, исто како порано што направи НАТО со бомбардирањето на Белград, ќе го бомбардира Киев. Како што порано беше сменет режимот во Белград (Милошевиќ), така планот на Русија е да го смени режимот во Киев (т.е. Зеленски), да постави своја марионета на власт во Украина, која ќе преговара со Донецк и Луганск за „нормализација на односите“, (читај, ќе воспостави дипломатски односи, односно ќе ги признае Донецк и Луганск) – заклучува Јанев.
Имитација од руска страна на потезите на НАТО при нападот на СР Југославија во 1999 година препознава и Лилјана Смајловиќ, колумнистка и познавачка на балканските состојби.

– Интересно е тоа што Путин користи буквално сè што користеше НАТО. Тој го притиска секое копче што НАТО го притисна во Србија во 1999 година или при инвазијата на Ирак. Значи, тргнувате со огромна сила. Кога го гледам Весли Кларк, кој е еден од главните коментатори на Си-ен-ен и кога го прашуваат зошто се прави ова, кон што води ова, зошто Русите одеднаш напаѓаат на толку различни места во Украина, тој вели дека руските потези се јасни и дека тоа се прави кога сакаш целосно да го збуниш непријателот, така што кога Кларк го кажува тоа, се забележува дека тоа е дел од неговата воена доктрина. Се прекинуваат линиите на комуникациите за да не знаеш што ти прави непријателот, значи тоа е смислата на сето ова – вели Смајловиќ.
И таа ги наоѓа истите сличности што ги нотираше и професорот Јанев, притоа констатирајќи дека Путин целосно ја користи доктрината на НАТО при нападот на Украина.
– Прво, Американците во 1999 година говореа дека ова не е војна против Југославија, туку интервенција. И Путин вели дека ова не е инвазија, туку специјална операција. И да бидеме чесни, ние не секој американски упад и напад на други земји го нарекувавме инвазија, не рековме дека САД извршија инвазија на Сирија, на Либија…Ова е војна, а пропагандата е слична – посочува Смајловиќ.
Осврнувајќи се на пропагандата, таа истакнува дека Русија ја користи истата пропагандна тактика како НАТО-сојузниците пред нападот на СР Југославија.
– НАТО користеше лажни информации дека се подготвува геноцид врз Албанците. Тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, секој ден на телевизија говореше дека најпрво исчезнале 100, а потоа 200 илјади албански мажи. Преувеличувани беа опасностите од геноцид, сега и Путин вели дека тој сака да ги спаси Русите од геноцид. Ако имало опасност да се случи геноцид во Косово, тогаш еднаква е опасноста да има геноцид и во Украина – смета Смајловиќ.
Таа уште додава дека повеќе од очигледно е дека Путин ја користи НАТО-тактиката и преку воздушните удари врз цели на земја.
– Американците го уриваат мостот во Нови Сад и велат ние ги штитиме Албанците. Слично е ова, Русите веднаш ја уништуваат украинската противвоздушна одбрана околу аеродромот во Киев, штитејќи наводно руско население – заклучува Смајловиќ.
Сето ова говори дека кога станува збор за интересите на големите сили тактиките се идентични, исто како што е идентично страдањето на невиното население, кое постојано мора да се соочува со стравовите на војната.