Д-р Фросина Крстаноска, интернист-сексолог

Клиничкиот сексолог д-р Фросина Крстаноска од неодамна е дел од тимот на „Ре-медика“, преку новоотворената амбуланта за сексуална медицина. Во неа се нуди клинички пристап во лекувањето сексуални проблеми, а лекувањето и советувањето се индивидуални или во двојка. „При третманот, на сексуалноста ѝ се пристапува повеќедимензионално, зашто на неа влијаат телесни, психолошки, како и социјални фактори, па терапијата вклучува медицински и психотераписки пристап, а по потреба и доктори од други специјалности“, објаснува докторката

Д-р Фросина Крстаноска, интернист-сексолог во првата амбуланта за сексуална медицина во „Ре-медика“

Може ли да ни објасните што е занимањето клинички сексолог?
Тоа е доктор што има специјализација за сексуална медицина. Станува збор за двегодишна едукација, практика и завршен испит, која се изведува преку Европската организација за сексуална медицина. Ваква специјализација може да завршат доктори на медицина, а добиваат назив клинички сексолог или специјалист за полова медицина ФЕЦСМ (FECSM). Направена е мрежа на лекари со ваква специјализација, за пациентите да може да нѐ најдат. Јас сум интернистка, работам како супспецијалист хематолог, но завршив и постдипломски студии за психотерапија, а потоа и специјализација за сексуална медицина. Работам во Словенија, но за потребите на пациентите во Македонија доаѓам еднаш месечно.

Кога и за какви проблеми може да побараат помош пациентите во амбулантата?
Кога кај пациентот ќе се јават сексуални проблеми, тој може да се упати кај клинички сексолог. На пример, во случај на вагинизам, кој најчесто е поврзан со психолошка состојба. Сите причини за проблемите со сексуалноста се органски (телесни), психички или комбинирани. Јас работам со пациентите со психички проблеми или со комбинирани, во соработка со други колеги специјалисти.
Може да се обратат пациенти за сите проблеми поврзани со сексуалноста, како на пример недостиг од полова желба, проблеми со ерекција, пребрз или задоцнет излив на семена течност, неможност за доживување оргазам и болки.
Овозможена е помош и за лица што се соочиле со малигни заболувања, во фаза на лекување или по излекувањето, а кои имаат сексуални проблеми.
Во болницата во која работам во Словењ Градец, Словенијa, вршам едукација и третман на пациенти што се на амбулантна рехабилитација по преболен срцев инфаркт, како безбедно и без страв да ја повратат сексуалната активност. Тоа е, секако, во договор со кардиологот што ги лекува.

За што најчесто бараат помош пациентите?
Искуството во Словенија покажува дека мажите најчесто се упатуваат кај клинички сексолог поради еректилна дисфункција, а жените поради недостиг од полова желба. Јас еднаш месечно одговарам на прашања на читатели за магазин во Словенија и се покажува дека и кај младите се јавува проблем и со анксиозност кога станува збор за сексуалноста. Ако еднаш доживеат неуспех, потоа имаат проблем. Тоа лесно се решава, зашто е поврзано со психолошка блокада.

Како изгледаат третманите?
Станува збор за средби со научен пристап, биопсихосоцијален метод. Во мојата амбуланта добивам анамнеза од пациентот и правиме план за третманите. Обично е потребна едукација, некаде работам на подобрување на комуникацијата со партнерот. Препорачани се вежби од бихејвиорално-когнитивна терапија. Проблемите ги решавам така што прво ги утврдувам причините за нивното настанување. Проблемот може да е заеднички, да трае некое време и да предизвикува стрес. Начинот на кој се решава е правење стратегија, се советуваат да прават вежби дома, се даваат и лекови, но главниот начин на дејствување е психосексуалнo советување. На третман доаѓаат клиенти со препорака од психотерапевт да се јават кај сексолог ако се работи за конкретен сексуален проблем.

Што покажува практиката, за колку време се решаваат проблемите?
Резултатите се обично по три-четири сеанси. Во амбулантата се гарантирани доверливоста и дискрецијата, работиме по високи етички стандарди. „Ре-медика“ ги објавува термините кога доаѓам и пациентите може да закажат.

Дали луѓето се плашат да зборуваат за проблемите поврзани со сексуалноста?
Да. Јас мислев дека Словенија, каде што живеам и работам, е земја во која поотворено се разговара, но сфатив дека ова се табу-теми во голема мера и таму.
Во Словенија сме осуммина специјалисти за сексуална медицина, се развива ова поле и се вклучени различни доктори (уролози, гинеколози, интернисти, психијатри).
Во март годинава ќе излезе и мојата книга, со наслов „Сексуалност кај хематоонколошки пациенти“, во која ги поврзувам моите две специјалности, со желба да им помогнам на болните. Не секогаш може да се постигне излекување, очекувањата треба да се реални, во зависност од возраста и поврзаните болести, со цел да се зголеми интимноста и да се достигне доволно добар секс.
Мојата порака за пациентите е дека сексот не е само за млади, убави и здрави.