Фото: Игор Бансколиев

Несомнено, констатацијата дека малцинствата се мостови е точна и во практика така треба и да биде, но кога доаѓа од устата на бугарскиот претседател Радев, таа звучи крајно лицемерно. Имено, Радев наместо прво да погледне во својот двор и да ги удри темелите за градење вакви мостови кон Македонија, за него мостовите подразбираат грижа само за бугарското малцинство, дури и онаму каде што го нема

Уникатен однос на Бугарија кон малцинствата

Малцинствата се мостови меѓу државите и затоа треба да се градат и постојано да се одржуваат, бидејќи тие се единствениот начин за зближување помеѓу народите. Таквите мостови му овозможуваат на секое малцинство да ги негува сопствените идентитетски, јазични и културни карактеристики, без оглед каде живее.
Токму Балканот е уникатно подрачје, каде што најмногу се испреплетени овие различности, а нивното прифаќање и уважување од секоја земја е само чекор напред во постигнувањето поголема хармонија во овој проблематичен регион.
Неодамна бугарскиот претседател Румен Радев, за време на средбата со неговиот албански колега Илир Мета, истакна дека малцинствата се мост меѓу двата народа, со зачувувањето нивниот идентитет, учењето на нивниот мајчин јазик и нивните национални традиции.
Несомнено, констатацијата дека малцинствата се мостови е точна и во практика така треба и да биде, но кога ваквата изјава доаѓа од устата на бугарскиот претседател Радев, таа звучи крајно лицемерно.
Имено, Радев наместо прво да погледне во својот двор и да ги удри темелите за градење вакви мостови кон Македонија, прифаќајќи го македонското малцинство во неговата земја, за него очигледно мостовите подразбираат грижа само за бугарското малцинство, измислувајќи го дури и онаму каде што го нема.
Најдобар пример за таквата лицемерна политика е односот на официјална Софија кон многубројното македонско малцинство во Бугарија. Таму Македонците ниту можат да формираат свои здруженија, ниту да се декларираат како Македонци, а уште помалку да се вклучат во политичките случувања или да имаат своја телевизија, радиопрограма, весник, уште помалку настава на македонски јазик во училиштата.
Едноставно, бугарските власти не гледаат малцинства во својата земја, иако Европа и светот го гледаат тоа. Тоа недвосмислено го потврди и Европскиот суд за човекови права, кој донесе еден куп пресуди во полза на Македонците што живеат во Бугарија.

Ако претседателот Радев веќе говори за некакви мостови, тогаш македонското малцинство во Бугарија е најдобриот „материјал“ за градење цврст мост меѓу двете земји и со негово признавање и прифаќање како такво, ќе се отвори можност за конечно вистинско зближување меѓу двата народа и двете земји.
Идентична е ситуацијата и со македонското малцинство во Грција, кое и натаму не може да ги оствари основните малцински права. Македонците во егејскиот дел не смеат јавно да се декларираат како Македонци, нивните здруженија се под постојан притисок и напади, а негувањето на сопствената традиција е речиси невозможно.
Парадоксално е што и Бугарија и Грција се членки на Европската Унија и се обврзале дека ќе ги почитуваат малцинските права кога пристапувале во Унијата, но наместо почитување и унапредување на тие права, двете држави спроведуваат асимилаторска и негаторска политика кон сите оние што чувствуваат поинаква етничка припадност.
Од друга страна, Македонија, иако со децении е само кандидат за членство во Унијата, уште од својата самостојност почна да негува политика на прифаќање на сите малцинства на нејзина територија, постојано унапредувајќи ги нивните права, многу повеќе од она што го предвидуваат европските стандарди. Малцинствата во земјава имаат свои телевизии, весници, учат на мајчин јазик, формираат политички партии, државата финансиски им помага на нивните здруженија и разните манифестации што ја отсликуваат нивната традиција, а добар дел претставници на малцинствата биле и натаму се министри, директори, функционери…
Токму македонскиот модел за грижа за малцинствата е тој што треба да биде пресликан во сите земји од соседството, бугарскиот претседател Радев наместо да говори за некакви мостови што никогаш не ги воспоставил, тој со својот негаторски однос кон сè што е македонско дополнително ги урива.
– Сè додека официјална Софија има и води империјалистичка политика кон македонското малцинство, која датира уште од минатиот век, секој нивни обид ќе заврши губитнички, како што има завршено и во претходните историски периоди. Бугарија секогаш е на погрешната страна на историјата поради оваа империјалистичка политика – вели Тони Менкиноски, правен застапник на македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Тој во изјавите на Радев за градење мостови не гледа само тешко лицемерство, туку и продолжување на бугарската империјалистичка политика.

– Цел свет го гледа бугарскиот однос кон македонското малцинство, а со империјалистичкиот пристап на Бугарија, тешко можат да се воспостават нормални односи меѓу двете држави, уште помалку да се очекува тие да го признаат македонското малцинство – истакнува Менкиноски.
Според него, Македонија е вистински пример како треба да се негуваат малцинските права и како да се градат вистински мостови меѓу соседите.
– Тоа нас нè прави цивилизиран народ, понапреден од другите. Македонците никогаш не асимилирале друг народ во Македонија, па затоа никој не се обременува дали некое малцинство треба да има свој телевизиски канал, весник, да учи на мајчин јазик… Тоа кај нас потекнува одамна. Нашиот образовен систем не беше империјалистички, никогаш не сме сонувале за големи држави на сметка на другите. Ние едноставно бараме правата на Македонците да се почитуваат и во соседните земји, зборуваме за основните права. Најтрагично е што ова го прават и Бугарија и Грција, земји-членки на ЕУ. Сепак, мислам дека на оваа нивна империјалистичка политика ѝ се ближи крајот – заклучува Менкиноски.