Одбележани 31 година од приемот на Македонија во ОН

Со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија пред 31 година беше примена како 181 полноправна членка на светската организација, врз основа на резолуцијата 817 на Советот за безбедност на ОН од 7 април 1993 година.
Официјалниот прием се случи на вчерашниот ден, 8 април, со што беше потврден меѓународноправниот субјективитет на земјата по изразената референдумска волја на македонските граѓани на 8 септември 1991 година за самостојна и независна држава.
Она што и ден-денес остана како преседан, тоа беше фактот што земјава беше примена во ОН под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија, што е спротивно на меѓународното право и Повелбата на Организацијата на Обединетите нации, во кои јасно е наведено дека секоја земја има право да се зачлени во светската организација под името што самата го одбрала. И покрај тоа што најголем број држави во светот, повеќе од 150, ја признаа Македонија под нејзиното уставно име Република Македонија, меѓу кои и две членки на Советот за безбедност, Кина и Русија, поради силното противење и опструкции од страна на Грција, ОН направија своевиден преседан и го прекршија меѓународното право, со што тоа подоцна стана практика во многу случувања што следуваа.
Со посредство на ОН, Македонија и Грција почнаа преговори за надминување на разликите за името, кои завршија на 17 јуни 2018 година во селото Нивици, каде што беше потпишана Преспанската спогодба, со која државата беше преименувана во Република Северна Македонија, и покрај силното противење на македонските граѓани, кои својот револт го искажаа така што не се согласија да учествуваат на референдум на кој требаше да одлучуваат за името на државата. Иако референдумот беше неуспешен, тогашната власт сепак ги направи уставните измени, надевајќи се дека со промената на името земјата ќе влезе во НАТО и ќе ги почне преговорите со ЕУ. Првата цел беше постигната, но втората не, односно сега Македонија повторно е заложник на нови условувања, овој пат од страна на Бугарија. С.Т.