Фото: Игор Бансколиев

Различни генерации во општеството различно ги доживуваат и празниците, но односот кон националните празници треба да биде со потенцирање на нивната содржина и значење што поттикнуваат заедништво и обединување. Празникот може да ги мобилизира националниот дух и единство. Затоа треба да се создаде свест дека тој празник е нешто значајно за историјата на Македонија, што ѝ припаѓа на колективната меморија, но и важен препознатлив дел од личниот идентитет на сите што живеат во земјава

Во динамичното и сѐ повеќе бурно животно и политичко секојдневје, вредноста на посебните денови, означени како празници, како да се раслојува на повеќе значења, во кои како да се потиснуваат во некој далечен план основниот мотив и поента на нивното постоење. Идејата и значењето, особено на националните празници, се базично поврзани со маркирање на посебно важните и значајни настани за една државно-општествена заедница, кои треба да бидат прифатени како важен момент во нејзината колективна меморија, временска точка во континуитетот на заедничкото постоење што обединува.
Прашањето што со години (не) се поставува пред секое празнување на национален празник во Македонија, како сегашниот 8 Септември – Денот на независноста, е дали ваквите празнични одбележувања сѐ уште го содржат мотивирачко-обединувачкиот елемент во македонското општество и држава. Веќе подолго време првичниот рефлекс за празниците е нивното доживување како неработни денови, можноста за поврзување со викендот, како и празничната компензација за оние што мораат да работат тој ден. Не може да се одмине и фактот дека различни генерации во општеството поинаку ги доживуваат празниците, но и понатаму останува недефинирано колку се поврзани со нивното значење и причина за постоење.
– Празнувањето национални празници треба да стане дел од заедничките традиции во кои се препознаваат најголемиот дел од граѓаните на едно општество. Секако, во градењето на општествените односи, преку медиумите, преку образованието, треба да се гради и надградува односот кон одреден национален празник, како нешто што поврзува и обединува. За жал, во Македонија како веќе да не се препознава начинот со кој ќе се постигне празниците да го добијат вистинското значење. Особено со политичките предизвици на кои е поставена Македонија во своите евроинтеграции, уцените за менување на името на државата, а сега и за националниот идентитет…, се чини како воопшто да се исцрпи енергијата на македонското општество за препознавање позитивни мотиви во колективната меморија. Македонското општество е сложено, а од таквата сложеност произлегува прашањето дали на некои групи во него воопшто им значи македонскиот национален празник. Веројатно и за овој 8 Септември ќе биде актуелно прашањето – дали секаде на македонската територија ќе се вее македонското знаме. Посебен аспект на темата е како младите ги доживуваат националните празници, односно какво значење на празниците и причината за славење на тие денови им се дава во образовниот процес.

Односот кон националните празници со потенцирање на нивната содржина и значење што поттикнуваат заедништво и обединување треба да се создава и надградува со соодветен третман во медиумите и во образованието. Треба да се создаде свест дека тој празник е нешто значајно за историјата на Македонија, што ѝ припаѓа на колективната меморија, но и важен препознатлив дел од личниот идентитет на сите што живеат во земјава – вели универзитетскиот професор по социологија Илија Ацевски.
Политичкиот амбиент во Македонија, создаден со формирањето и работата на историските комисии, произлезени од билатералните соседски договори со Грција и со Бугарија, забележително создаде амбиент на нагласена чувствителност во Македонија, во однос на националните празници, кои неизбежно се поврзани со чествување значајни настани од подалечното и поблиското минато. Политичките манипулации со историските комисии од страна на соседите на Македонија, во процесот на евроинтеграции, со кои преку проблематизирање на автентичноста на македонската национална историја го загрозуваат македонскиот национален идентитет, неизбежно предизвикаа и внатрешни поделби во јавното мислење во општеството. Таквата состојба дополнително го нагласува предизвикот на националните празници за внатрешно обединување во општеството.

– Суштината на проблемот за видливите поделби во општеството не е во празниците, туку во манипулациите на политичките субјекти со пораките во нивното празнување. Секако дека празникот може да ги мобилизира националниот дух и единство, но не може цела година политичките субјекти во Македонија да работат на продлабочување на поделбите, а за празник да повикуваат на обединување. Политичките актери во земјава на национален празник треба да изразат заедништво и да покажат единство за националните цели. Без оглед на политичкото ривалство на политичките субјекти, кога станува збор за националните интереси и цели треба да се манифестира заеднички став, но не само за празник, туку тоа да биде вградено во принципите на нивното постојано дејствување – вели историчарот Александар Литовски.