Денот на независноста на државата Македонија!

Осми септември е потсетување дека промената на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ е најтешко кривично дело велепредавство, геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото, кое не застарува!

Македонија и годинава, како и секоја наредна година, го слави 8 Септември – Денот на независноста на државата Македонија! Кај некои пратеници во првиот парламентарен состав имаше обид за дисконтинуитет во македонската државност, да се слави 8 Септември наместо 2 Август! Сметаа дека сѐ започнува од 8 Септември… нова држава… се разбира, тоа го продолжија до денес, си останаа посветени на задачата за која се платени… ново име, нова историја… Но кога се носеше законот за државните празници, во потрага по име за 8 Септември, независниот пратеник Тодор Петров предложи 8 Септември да биде Ден на независноста, а 2 Август и натаму да остане Ден на државноста! Зошто? Затоа што државноста не почнува од 8 септември 1991 година. Државноста е возобновена на 2 август 1944 година, во македонскиот манастир „Свети Прохор Пчињски“, на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување – АСНОМ, на кое се прокламира ослободување и обединување на Македонија во нејзините етноисториски граници! Како што на 2 август 1903 година е прокламирана Македонската Република во Крушево!
Осми септември ја сведочи сукцесијата (не сецесијата) на државата Македонија од поранешна СФР Југославија, во предвечерието на нејзината дисолуција. Затоа и именувањето – Ден на независноста! Но Ден на државноста е 2 Август, затоа што тогаш е возобновена државата Македонија! Државноста не започнува ниту од 8 септември 1991 година, ниту од 13 август 2001 година, кога е склучен таканаречениот Охридски рамковен договор, иако го впишаа во преамбулата на Уставот со Амандман 34 од 11 јануари 2019 година!
И како потсетување за сите со плитка меморија. Иако и во случајов важи правилото: во политиката ништо не е случајно, а ако е, тогаш е доста добро испланирано!
На 8 септември 1991 година, околу осумдесет проценти или четири петтини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, ГЛАСАА ЗА „СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА“, без додавки и без придавки, одлуката на референдумот е задолжителна за сите, без исклучок!
Сѐ уште има југоносталгичари, кои потсетуваат на вториот дел од референдумското прашање или погрешно ја толкуваат слободно изразената волја на македонскиот народ, односно на граѓаните на државата Македонија. Прашањето на референдумот од 8 септември 1991 година гласеше: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“
Еве како дојдовме тогаш до ова прашање. Не се заборава дека, во времето на дисолуцијата на поранешна СФР Југославија, претседателот на Република Македонија, Киро Глигоров, и претседателот на Република Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, правеа обид за спас на Југославија, предложија платформа Глигоров – Изетбеговиќ, за асиметрична федерација 2+2+2.

На 25 јануари 1991 година, веднаш по конституирањето од 8 јануари 1991 година на новиот парламентарен состав, избран на 11 ноември и 25 ноември 1990 година, Собранието донесе Декларација за сувереност на Социјалистичка Република Македонија. Во членот 7 од оваа Декларација, пратениците утврдија: „Доколку спогодбено и демократски не се решаваат меѓусебните односи на суверените републики во СФРЈ или тоа се врши на начин на кој сувереноста на Републиката се загрозува, Собранието на СРМ ќе донесе уставен закон со кој ќе ги утврди другите прашања од уставноправен карактер, со кои СРМ како самостојна и независна држава ќе го преземе извршувањето на суверените права што ги остварувала преку органите на СФРЈ и ќе го утврди начинот на спогодување со другите републики за правното наследство на СФРЈ и за меѓусебните односи, според начелата на меѓународното јавно право.“
Кога Југославија почна да се распаѓа по воен пат, со војната во Словенија, па во Хрватска и во Босна и Херцеговина, Собранието на Македонија побара Владата да предложи уставен закон за целосно осамостојување на државата Македонија. Владата, на затворена седница на Собранието, на пратениците им ги предложи сите закони за целосно осамостојување на државата Македонија. Меѓутоа, по барање на пратениците од Сојузот на комунистите на Македонија – Партија за демократска преобразба – СКМ-ПДП, со образложение дека законите за целосно осамостојување ќе ни ги поништи Уставниот суд на СФР Југославија, Собранието не ги донесе законите за целосно осамостојување на државата Македонија, туку реши да распише референдум, па отпосле да се донесе Устав на суверена и самостојна држава Македонија.
Дилемите беа како да гласи референдумското прашање.

Предлогот беше: „Дали сте за суверена и самостојна држава Република Македонија, со право да стапи во сојуз на шест суверени држави на Југославија?“ Резерва кај пратениците предизвика набројувањето на југословенските републики во референдумското прашање, поради страв пратениците Албанци од ПДП (Партија за демократски просперитет) да не побараат бројот шест да се замени со бројот осум, како прејудицирање на статусот на двете покраини во Србија – Војводина и Косово и Метохија, како републики еднакви со Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Македонија. Неизвесноста повторно ја расчисти независниот пратеник Тодор Петров, кој предложи пред Македонија да не стои зборот Република, бидејќи името на државата е Македонија, ирелевантно од нејзиното републиканско уставно уредување, Република не е име на држава! А, наместо зборот „суверени“, да стои зборот „суверените“, со образложение: Доколку и една република ја напушти СФР Југославија, Македонија нема да остане во редуцирана федерација. Со членувањето на зборот „суверени“, според македонскиот правопис, се дефинираат субјектите, а се знаеше дека во Југославија има точно шест републики. Пратениците го усвоија единствениот амандман на независниот пратеник Тодор Петров и конечното референдумско прашање гласеше „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“

Би додал уште една пикантерија околу референдумот од 8 септември 1991 година. Собранието имаше печатница, која се наоѓаше во неговите подрумски простории. Таму се печатеа и гласачките ливчиња за референдумот. Поминав до печатницата да видам како оди печатењето на гласачките ливчиња за референдумот, ме изненади кога видов веќе голем број отпечатени гласачки ливчиња, меѓутоа со прашање без усвоениот амандман од независниот пратеник Тодор Петров. Референдумското прашање отпечатено на гласачкото ливче гласеше „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во сојуз на суверени држави на Југославија?“ со нечленувана форма на зборот „суверени“, што овозможува членство во Југославија и со една и со две републики. Веднаш побарав да се стопира печатењето на гласачките ливчиња, затоа што тоа не е референдумското прашање усвоено на седница на Собранието! На прашањето кој ви дал ваков налог за печатење, одговорот беше претседателот на Собранието, Стојан Андов! Брзо се јавив во кабинетот на Стојан Андов, благодарение на интервенцијата, целиот тираж отпечатени ливчиња се фрлија, а се отпечатија нови, со точното референдумско прашање „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“

Врз основа на референдумот од 8 септември 1991 година, пратениците донесоа Устав на Република Македонија на 17 ноември 1991 година. Меѓутоа, и покрај референдумот, во некои кругови сѐ уште беше актуелен вториот дел од референдумското прашање „со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“. Поради тоа, независниот пратеник Тодор Петров предложи Резолуција до Собранието со која се потврдува дека вториот дел од референдумското прашање, по запирката, повеќе не важи! Од владата на Бранко Црвенковски до пратениците пристигна мислење дека вториот дел од референдумското прашање повеќе не важи, затоа што процедурата за членство во сојузи на држави е уредена со членот 120 од Уставот!
Осми септември 1991 година е потсетување до сите пратеници од сите партии дека името на државата се состои само од еден единствен збор – зборот МАКЕДОНИЈА! Врз основа на одлуката на референдумот од 8 септември 1991 година, не важи спогодбата Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ, не важат и уставните амандмани 33, 34, 35 и 36 од 11 јануари 2019 година за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ! Осми септември е потсетување дека промената на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ е најтешко кривично дело велепредавство, геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото, кое не застарува! И, кога тогаш, ќе одговараат пред судот на историјата, народот и правдата со доживотен затвор и конфискација на личниот имот и имотот на членовите на семејството дома и во светот. Кога и да е! Правдата забавува, ама не се заборава! Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот!

Тодор Петров, како дел од првиот пратенички состав, во својот авторски текст со длабоки емоции ги пренесува своите доживувања и се осврнува на настаните од тоа време