По повеќемесечни темелни подготовки, од вчера почна снимањето на долгометражниот игран филм со работен наслов „17“, дебитантското долгометражно остварување на Косара Митиќ, во продукција на „Црна мачка продукција“.
– Жанровски „17“ се дефинира како каминг-оф-ејџ филм. Инспириран е од вистински настан и обработува тема посветена на младите во нивните критични тинејџерски години, кога тие се најранливи и под постојан притисок да се вклопат во средината и кога донесените одлуки може да остават длабока трага во нивните животи – велат од продукцијата.
„Црна мачка продукција“ го реализира филмскиот проект „17“ во копродукциска соработка со „Арт и Покорн“ од Србија и со „Децембер“ од Словенија, со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија и Словенечкиот филмски фонд. Филмската екипа, која е ангажирана на проектот, е составена од професионалци од трите земји копродуценти. Снимањето на филмот ќе се одвива на локации во Скопје и во Битола.
Улогите ги толкуваат: Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.
Режисерка е Косара Митиќ, сценаристи се Косара Митиќ и Огњен Свиличиќ, продуценти на филмот се Томи Салковски и Кристијан Буровски, а како копродуценти се јавуваат: Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Погачник. Кинематографер е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимографка е Жаклина Крстевска, шминката и фризурата се на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија) и монтажер е Дејан Смилески.
Косара Митиќ е родена во 1987 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, отсек филмска и ТВ-режија, во 2013 година, во класата на проф. Столе Попов. Досега режирала неколку кратки филма, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013), кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали во светот.

Огњен Свиличиќ е наградуван хрватски режисер и сценарист, познат по филмовите „Да ми је бити морски пас“ (2000), „Опрости за кунг-фу“ (2004), „Армин“ (2007), „Таква су правила“ (2014), „Глас“ (2019). Неговите филмови се прикажани на фестивали во Берлин и Венеција и има добиено повеќе странски и меѓународни награди. Често работи како сценарист за други режисери, а има напишано сценарио и за неколку популарни хрватски серии. „Главата на големата риба“ е неговиот прв роман.
„Црна мачка продукција“, основана во 2015 година во Скопје, во својот фокус ги има младите таленти. Досега има реализирано неколку долгометражни и кратки играни филмови, прикажувани и наградувани на некои од најзначајните филмски фестивали во светот. Меѓу нив се „Кошница“ на Блерта Башоли (Големата награда од жирито на „Санденс ФФ“ во 2021 година и косовски кандидат за номинација за „оскар“ за најдобар меѓународен филм што влезе во кратката листа од 15 филма) и „Би ја погледнала“ (2019) од Горан Столевски, добитник на наградата на жирито за краток филм: Меѓународна фикција на 34 години на „Санденс ФФ“. За производство на „Фрост“ во компанијата се приклучи Томи Салковски. Личните продуценти на Салковски вклучуваат наслови како „Три дена во септември“ (2015) од Даријан Пејовски, „Само човек“ (2021) и „Соба со пијано“ (2013) од Игор Иванов. В.Д.