Вечерва во Филхармонијата

По повод најголемиот христијански празник Велигден, Македонската филхармонија го најавува концертот „Божествен“, кој ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот. Премиерно во Македонија ќе биде изведено едно од највеличествените дела на шкотскиот композитор Џејмс Мекмилан – „Седумте последни зборови од крстот“. Во вториот дел од програмата ќе биде изведена Симфонијата бр. 4, насловена „Трагична“, од австрискиот композитор Франц Шуберт.
Диригент на концертот „Божествен“ е маестро Конрад ван Алфен од Холандија, чест гостин диригент со Македонската филхармонија, а заедно со оркестарот ќе настапи хорот „Проарс“, подготвен од маестро Сашо Татарчевски.
„Седумте последни зборови од крстот“ е и едно од највпечатливите вокално-инструментални дела од поновото време. Станува збор за нарачка од страна на ТВ Би-би-си и премиерно беше изведено во седум ноќни епизоди за време на Светата недела во 1994 година, од хорот „Капела Нова“ и Шкотскиот ансамбл, под диригенство на маестро Алан Тавенер. Текстот е традиционален и се базира на сите четири евангелија, за да се формира секвенцијална презентација на седумте последни реченици изговорени од Исус. „Седумте последни зборови од крстот“ со право се смета за ремек-дело на Мекмилан, затоа што е мошне комплексно и катарзично.
Австрискиот композитор Франц Шуберт, кој им припаѓа на доцниот класицизам и раниот романтизам, зад себе има навистина импресивен опус. За разлика од неговите први три симфонии, кои се покласични и лежерни, неговата четврта „Трагична“, која ја напишал пред своите 20 години, е под влијание на Бетовеновиот опус и, според некои биографи, таа е обид за втора верзија на „Ероика“. Довршена е во 1816 година, но премиерно е изведена дури на 19 ноември 1849 во Лајпциг, две децении по смртта на авторот.
Маестро Конрад ван Алфен е „инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за овој етаблиран холандски/јужноафрикански диригент, кој ја стекна својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигна својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и во Амстердам.