Диана Добрева, најзначајната театарска режисерка во Европа во овој миг, ќе одржи работилница во Велешкиот театар, на 29 и 30 април. Работилницата е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“, кој Велешкиот театар го реализира во соработка со драмскиот театар „Н. О. Масалитинов“ од Пловдив, Р Бугарија. Работилницата, наменета за актери, е од отворен карактер и претставува кастинг за претставата „Без крв“, втор наслов од меѓународниот проект „Манифест“, по минатогодишниот „Едвард Втори“ потпишан од Андриј Жолдак.
По неодамнешниот голем успех на претставата „Одисеј“ на најзначајниот европски театарски фестивал, унгарскиот МИТЕМ, и пред нејзината претстојна изведба во атинскиот „Пираус“ (претставата беше лауреат на ИФАД „Стоби“ во 2022 година), како и непосредно по неодамнешната премиера на исклучителните сценски дела „Едип и пророците“ во Пловдив и „Моби Дик“ во НТ „Иван Вазов“, Софија, следна продукција што Добрева ја отпочнува е токму „Без крв“, текст на Александар Секулов по мотиви на истоимениот роман од Алесандро Барико, во копродукција меѓу театрите од Велес и од Пловдив.
Проектот е дел од годишната програма за работа на Министерството за култура, а партнери на проектот покрај двата театри се: Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, Македонскиот културно-информативен центар во Софија, како и неколку меѓународни фестивали.