Денеска и на 8 мај ќе заседава неговата светост граѓанинот избирач – врховниот судија, кој овој пат има околу 1.814.000 поротници избирачи. Секому од нив најсилно оружје му е гласачкото ливче. Употребете го и направете го потегот на најдемократско изборно востание! Македонци, излезете да гласате, избирајте и одлучувајте! Само така сите ќе бидеме горди, достоинствени и ќе создадеме нов свет.
Ја излези, Македонијо, да гласаш и одлучуваш!

Културата на личното демократско политичко изјаснување

Избори! Изборите се време кога почнува да се одмерува изразувањето на волјата на граѓаните. Кога граѓаните гласаат, тие ѝ даваат или одземаат доверба на одредена политичка опција да управува со нив и со Македонија. Тоа е рационален и социјален чин на избор. Гласањето е показ и доказ за зрелоста на демократијата. Годинава на претседателските и парламентарните избори јасно е дека ќе се гласа за водачи на народот (претседател на државата и претставници во највисокиот законодавен дом – Собранието на Македонија). Ќе се гласа за управувачи на општествените и на државните работи.
Се подразбира или, попрецизно, се претпоставува дека треба да ги избереме најдобрите. А кои се најдобри? Тие што најдобро знаат да водат, управуваат и владеат. Една мала споредба можеби ќе ни биде од полза: доколку чинот на генерал треба да му се довери на најхрабриот и најталентиран во доменот на воената професија, или ако позицијата на судија треба да му се препушти на оној што е најнепристрасен, тогаш логично е власта да им се довери на најдоблесните, најмудрите и најспособните. Зошто мислам дека ова е најлогично во политиката? Затоа што крајна цел на политичката власт е доблеста и само доблеста! А како најсоодветно се доаѓа до неа? Преку мудроста (за кого ќе гласаш, кому ќе му ја дадеш својата доверба).

Нестручни, неспособни, подмитливи (коруптивни) и неморални политички лидери немаат визија, не водат сметка за јавните и широките општествени добра и интереси и едноставно не можат да водат народ. Со такви нема политичка стабилност, економскиот просперитет е неостварлив, а социјалната несигурност грда и загрижувачка реалност. Коруптивни и неморални лидери дозволуваат разни асоцијални или криминогени елементи да ги заробат институциите и да ги остварат своите интереси на сметка на општите, државните и националните.
На овие избори граѓаните мора да направат исчекор во насока кон победа над корупцијата. Со својот активен однос кон гласањето (Излези и гласај! Одлучувај за себе, за семејството и за државата!) создаваат социјална атмосфера и средина на автентична демократска плурална култура.
Само на тој начин се можни промени, а реформите ќе се движат побрзо од неспособните и подмитливи државни и политички бирократи.
Само така Македонија ќе биде држава на своите граѓани (моја, твоја, наша – Македонија). Ајде да создадеме држава на слободни, среќни и исполнети граѓани – нов свет, во кој граѓаните ќе бидат свои на своето. Денеска и на 8 мај ќе заседава неговата светост граѓанинот избирач – врховниот судија, кој овој пат има околу 1.814.000 поротници-избирачи. Секому од нив најсилно оружје му е гласачкото ливче. Употребете го и направете изборно востание! Македонци, излезете да гласате, избирајте и одлучувајте! Само така сите ќе бидеме горди, достоинствени и ќе создадеме нов свет.
Ја излези, Македонијо, да гласаш и одлучуваш!

Сотир Костов