Фото: ЕПА

Ова бе­ше 25-то прог­ла­су­ва­ње на нај­до­бри­те, на кое при­сус­тву­ваа не­кои од нај­до­бри­те спор­ти­сти на пла­не­та­та за­ед­но со ми­на­ти­те спорт­ски ги­ган­ти, како и вли­ја­тел­ни лич­но­сти од све­тот на мо­да­та, фил­мот и за­ба­ва­та, пи­шу­ва „Ла­у­ре­ус“

ИЗБОР НА НАЈДОБРИТЕ СПОРТИСТИ ВО СВЕТОТ ЗА 2023 ГОДИНА

Новак Ѓоковиќ, Аитана Бонмати, Џуд Белингем и Симоне Бајлс беа меѓу големите победници во Мадрид (Шпанија) на доделувањето на наградите „лауреус“ за најдобрите во спортот во 2023 година. Тенисерот Ѓоковиќ беше петти пат прогласен за светски спортист на годината, со што израмни рекорд на тенисерот Роже Федерер.
Ова беше 25-то прогласување на најдобрите, на кое присуствуваа некои од најдобрите спортисти на планетата заедно со минатите спортски гиганти, како и влијателни личности од светот на модата, филмот и забавата, пишува „Лауреус“ на својата интернет-страница. Меѓу гостите што ги презентираа статуетките беа три од најголемите имиња во глобалниот спорт, Том Брејди, седумкратниот шампион во супербоул, кој му ја врачи наградата на Ѓоковиќ; Усаин Болт, најголемиот спринтер на сите времиња, кој ѝ ја врачи наградата за спортистка на годината на Бонмати; и минатогодишниот добитник на наградата за пробив на годината, Карлос Алкараз, кој му го предаде трофејот за таа категорија на Белингем.
Бонмати излезе на сцената двапати, а и двата пати испиша историја, прво, да ја добие наградата за спортистка на годината и со тоа да стане првата фудбалерка што ја освоила престижната награда, а потоа за да ја претставува репрезентацијата на Шпанија, која ја освои светската титула лани и сега е првиот целосно женски тим што ја освоил наградата, пишува „Лауреус“. Белингем, англискиот играч од средниот ред, ја освои наградата „лауреус“ за пробив на годината, првиот фудбалер што го направил тоа. Бајлс ја доби наградата за враќање на годината по сензационалното враќање во гимнастиката по двегодишна пауза.
Ѓоковиќ ја заврши 2023 година со три од четирите гранслем-титули во машкиот тенис и постигна уште еден рекорд на сите времиња, со неговата петта награда „лауреус“ за најдобар спортист на годината (тој ја освои и во 2012, 2015, 2016 и во 2019 година). Како и добитникот на оваа награда во 2023 година, Лионел Меси, Ѓоковиќ покажа не само спортска величина туку долговечност на самиот врв на својот спорт, што поставува нови стандарди за оние што го следат, пишува „Лауреус“. Н.М.


НАГРАДИ „ЛАУРЕУС“ ЗА 2023 ГОДИНА

Спортист на годината: Новак Ѓоковиќ (тенис)
Спортистка на годината: Ајтана Бонмати (фудбал)
Тим на годината: женска фудбалска репрезентација на Шпанија
Пробив на годината: Џуд Белингем (фудбал)
Враќање на годината: Симон Бајлс (гимнастика)
Спортист на годината со попреченост: Диде де Грот (тенис)
Акциски спортист на годината: Ариса Трев (скејтбординг)
Награда „Спорт за добро“: Фондација Рафа Надал

Извор: „Би-би-си“