Шест лица загинаа, а петнаесеттина се повредени во пукање што се случи попладнево на Главниот плоштад во центарот на Краков, Полска, по што осомничениот напаѓач бил ранет во акција на полицијата и е пренесен во болница под стража, јавија полските медиуми.
Во Краков денеска е прогласена жалост до 11 ноември.
– Прогласив денови на жалост во Краков до 11 ноември – соопшти градоначалникот на Краков, Лукаш Гибала, потврдувајќи дека во градот заседава кризен штаб во чија работа ќе учествуваат и министерот за внатрешни работи Марчин Кјервински и премиерот Доналд Туск.
Полицијата соопшти дека напаѓачот убил шест лица, четири жени и двајца мажи, додека најмалку 15 лица се повредени, меѓу кои и двајца полицајци. Според сознанијата на порталот „Онет.пл“, напаѓачот со црн автомобил „субару“ влетал на Главниот плоштад во Краков, каде што во тоа време, околу 15 часот, имало голем број туристи.
– Сè укажува на тоа дека отворил оган случајно кон минувачите. Го обиколил Главниот плоштад и се упатил кон населбата Казимјеж. Прерано е сега да зборуваме за што конкретно ќе биде обвинет – изјави обвинителот Томаш Вашчук.
Напаѓачот се подготвувал за нападот и бил тешко вооружен.
– Беше облечен во паравоена униформа и носеше воено оружје со долга цевка. Можно е да имал полуавтоматска пушка АР-15. Во автомобилот беа пронајдени многу парчиња оружје и муниција – изјави за полската телевизија ТВН24 портпаролката на регионалната полиција во Краков, Катажина Число, која заедно со полицијата потврди дека во багажникот биле пронајдени повеќе парчиња оружје и големо количество муниција, а според неофициални информации, тој носел и панцир.
Полската полиција соопшти дека станува збор за 24-годишен Полјак, а полските медиуми, повикувајќи се на неофицијални извори, објавија дека можно е да станува збор за војник. Автомобилот бил регистриран на неговиот 52-годишен татко, кој има дозвола за поседување оружје и поседува најмалку 11 парчиња огнено оружје од различен вид.
Полските власти ги повикаа граѓаните да ги следат официјалните информации, бидејќи на социјалните мрежи веќе се појавиле бројни снимки од пукањето, од кои многу се лажни и изработени со помош на вештачка интелигенција, како и голем број шпекулации и дезинформации.
Истовремено, премиерот Доналд Туск побара од политичарите од сите политички табори да не се обидуваат да собираат политички поени врз основа на оваа трагедија.

































