Платата за вработените во АД ЕСМ ќе биде исплатена во законскиот рок. Тековните административни усогласувања во компанискиот систем за исплата на личниот доход, се должат на едновремените барања од над 140 вработени за ажурирање и промена на нивните лични податоци, што наметна потреба од дополнително време за нивна техничка обработка и верификација до 06.11., со цел да се обезбеди сигурна и точна распределба на средствата, соопштија од ЕСМ.
– Работењето на АД ЕСМ, кое изминатите две години минува низ интензивен процес на финансиска и техничко-технолошка консолидација, не треба во ниту еден случај да се поврзува со државниот Буџет, затоа што средствата за плати компанијата самостојно ги обезбедува без субвенции, за разлика од периодот 2021-2024 година. Компанијата најостро ги осудува обидите на одредени политички партии за саботажа на енергетскиот сектор односно преку тенденциозно и лицемерно користење на вонредните административни прилагодувања – да создаваат лажен наратив и да внесуваат немир помеѓу вработените – се вели во соопштението.
Оттаму додаваат дека во контекст на платите и надоместоците за вработените, почнат е процесот за зголемување на платите во АД ЕСМ согласно неодамна потпишаниот Колективен договор со репрезентативните синдикати.
– Исто така, на почетокот на јули е исплатен регресот за годишен одмор за 2026 година во 100% вредност, а последните две години вработените ја добиваат декемвриската плата пред почетокот на Новогодишните празници – се вели во соопштението.
Претходно, од СДСМ обвинија дека доцни исплатата на плати во повеќе државни институции, меѓу кои и ЕСМ.
– Според информациите, вработените во ЕСМ добиле и СМС-пораки дека се уште не се знае кога точно ќе биде исплатена октомвриската плата и дека треба да бидат трпеливи – соопштија од СДСМ.
































