Фото: ЕПА
  • Берлин и Брисел се во судир околу предлогот на Фон дер Лајен за Канада да стане „придружна членка“ на ЕУ. Тензиите се засилиле откако
    претседателката на Европската комисија го употреби овој израз на самитот во Монтреал – само неколку часа откако, по иницијатива
    предводена од Германија, истиот термин беше отстранет од заедничката изјава одобрена од 27-те земји членки на ЕУ. Судирот околу
    терминологијата поврзана со Канада го илустрира растечкото разидување во ставовите меѓу германскиот канцелар и претседателката на Европската комисија за тоа како треба да се управува со европскиот блок

Спор околу терминологијата што треба да се користи за односите на Европската Унија со Канада ја продлабочува поделбата меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и германскиот канцелар Фридрих Мерц, како што изјавија четворица дипломати за „Политико“.
Берлин и Брисел се во судир околу предлогот на Фон дер Лајен за Канада да стане „придружна членка“ на ЕУ. Тензиите се засилиле откако претседателката на Комисијата го употреби овој израз на самитот во Монтреал – само неколку часа откако, по иницијатива предводена од Германија, истиот термин беше отстранет од заедничката изјава одобрена од 27-те земји членки на ЕУ.
Мерц претходно го предложи статусот „придружна членка“ за Украина, додека земјата работи на целосно пристапување кон блокот. Откако идејата беше целосно отфрлена, вклучително и од Киев, претставниците во Берлин го гледаат инсистирањето на Фон дер Лајен за користење на овој термин за Канада како критика кон иницијативата на германскиот канцелар.
Судирот околу терминологијата го илустрира растечкото разидување во ставовите меѓу Мерц и Фон дер Лајен за тоа како треба да се управува со блокот.
Берлин најави дека нема да го одобри следниот долгорочен буџет на ЕУ, кој според предлогот на Комисијата изнесува околу два билиона евра, доколку од вкупниот износ не се скратат стотици милијарди. Исто така, предлогот на Фон дер Лајен за формирање европски совет за безбедност не наиде на поддршка во Германија, туку германската влада, наместо тоа, се определи за посебен формат на соработка со Франција и Обединетото Кралство за чувствителните прашања поврзани со Украина.
– Постои институционална дилема меѓу Брисел и Берлин. Фон дер Лајен зазема силно интеграционистички пристап кон ЕУ, додека Мерц има сосема поинаков став и зборува за националните држави како за главни двигатели на политиката на ЕУ – вели Јан Техау, раководител за Германија во консултантската куќа „Евроазија груп“ и поранешен пишувач на говори во германското Министерство за одбрана.

Ниту Берлин ниту Брисел не попуштаат

Ниту Берлин ниту Брисел не отстапуваат од своите ставови во врска со прашањето за „придружна членка“. Како што изјавија двајца дипломати за „Политико“, Берлин повторно го изразил своето противење на состанокот на амбасадорите на ЕУ одржан во средата. Но претседателката на Комисијата нема намера да се откаже од тој термин, изјави извор запознаен со нејзините ставови. На овој извор на „Политико“, како и на другите соговорници во овој текст, им била гарантирана анонимност за да можат да зборуваат за оваа чувствителна дипломатска тема.
– Навистина сме фокусирани на надградба врз темелите поставени минатата недела на самитот – изјави Паула Пињо, главен портпарол на Комисијата, додавајќи дека Берлин и Брисел ги делат истите основни цели во однос на врските меѓу ЕУ и Канада.
Слично мислење изрази и германски дипломат со кого разговараше „Политико“.
– Суштински нема никаква разлика. Двете страни се обврзаа да воспостават единствено партнерство, какво што немаме со ниту една друга земја надвор од Европската Унија – кажа тој.
Разликата се сведува на деталите, бидејќи дефиницијата на Фон дер Лајен за терминот „придружна членка“, во контекст на Канада, оневозможува таков статус да ѝ биде понуден на Украина, наведоа двајца дипломати од ЕУ.
Наместо да биде меѓучекор на патот кон ЕУ, кој би вклучувал и одредени придобивки, како што е статусот на набљудувач во Европскиот совет, статусот на придружна членка би ѝ бил доделен на земја што никогаш не би можела целосно да стане членка на ЕУ. Ова го потврди и Фон дер Лајен во својот говор во Монтреал. Начинот на кој Фон дер Лајен го искористи овој термин ја попречи логиката на Берлин.
– Германија имаше поинакви планови за придружното членство, а ги има и денес – изјави еден од дипломатите.
Техау вели дека Берлин и Брисел имаат „идеолошко преклопување по многу прашања“, вклучително и во однос на партиската припадност, бидејќи и Мерц и Фон дер Лајен се членови на германската конзервативна партија, Христијанско-демократска унија (ЦДУ).
– Тие често имаат слични ставови, па дури и за идеи како оваа – рече тој, мислејќи на зајакнувањето на врските со Отава.
Додека Фон дер Лајен на прашањето за Канада гледа како на „голема геополитичка придобивка за неа и за Европската комисија“, Мерц „ги разочара луѓето во Брисел што се надеваа дека тој ќе заземе пристап повеќе насочен кон интеграција во ЕУ; а неговиот став сепак беше целосно диктиран од домашните политички интереси“.
Според Техау, спорот околу терминологијата е само одраз на пошироката дебата за клучните прашања, како што се буџетот и безбедноста на Унијата, со што клучното прашање гласи: дали ЕУ треба повеќе да се потпира на своите заеднички институции или на националните влади на земјите членки.
– Ова прашање на многу начини е нерешливо – заклучи Техау.