Mакедонското друштво „Илинден“ – Тирана веќе деценија и пол напорно работи на афирмација на потребите на Македонците во Република Албанија. Досега се реализирани повеќе проекти, но остануваат и неколку суштински проблеми. Според Никола Ѓурѓај, албанската влада и институции треба да посветат особено внимание на барањето за настава на македонски јазик за децата во областите Голо Брдо и Гора и насекаде каде што има значителен број Македонци

Повод: 15 години од формирањето на македонското друштво „Илинден“ – Тирана

Деновиве се одбележуваат 15 години од оформувањето на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, кое беше основано на 6 февруари 2009 година во главниот град на Република Албанија, со цел афирмирање и заштита на македонските национални особености во оваа држава. Целиот овој период, друштвото и неговиот претседател Никола Ѓурѓај неуморно работат на заштитата на правата на македонското малцинство, а нивните активности се насочени и на меѓународен план, особено преку Федералната унија на европските националности и Работната група на словенските малцинства при ФУЕН. Преку оваа организација, друштво „Илинден“ – Тирана ги афирмира потребите на Македонците од Република Албанија, како пред институциите на Европската Унија така и пред албанските државни институции. Дополнително на ова, во изминативе неколку години членовите на друштвото и Никола Ѓурѓај остварија повеќе работни средби со претставниците на албанските институции, притоа укажувајќи на повеќето проблеми со кои се соочува македонското малцинство.
Од многубројните активности на друштвото може да се одвои и отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, бидејќи иницијативата потекна од работниот состанок меѓу директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, и претседателот на „Илинден“, Никола Ѓурѓај. Тогаш беше и доставено барање до УКИМ за отворање на Лекторатот на Факултетот за странски јазици во Тирана.
Во изминатиов период, за одвојување се и многубројните активности на друштвото што беа поврзани со пописот на населението во Република Албанија, кога друштвото и неговите членови правеа напори за создавање услови за нормално изјаснување на Македонците, притоа јасно ги посочуваа и контроверзните дејанија на бугарската држава и нејзините институции, како и на одредени приватни фондации и друштва, кои беа на штета на македонското национално малцинство. Поради овие активности, македонското друштво „Илинден“ – Тирана и Никола Ѓурѓај беа вербално нападнати од страна на поединци и групации што се финансиски поддржани од Софија. Меѓутоа и покрај овие притисоци, членовите и симпатизерите на друштво „Илинден“ – Тирана нагласуваат дека нема да отстапат од заштитата на македонското малцинство во Република Албанија.

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, еве, веќе деценија и пол напорно работи на афирмација на потребите на Македонците во Република Албанија. Досега се реализирани повеќе проекти, но остануваат и неколку суштински проблеми. Според Никола Ѓурѓај, албанската влада и институции треба да посветат особено внимание на барањето за настава на македонски јазик за децата во областите Голо Брдо и Гора и насекаде каде што има значителен број Македонци.
– Албанската влада треба да изврши промена на негативната територијална организација на локалната самоуправа и да ги прифати општините во областите Голо Брдо и Гора каде што живеат Македонци – вели Ѓурѓај
Претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана исто така посочува дека албанската и македонската влада треба да преземат активности што ќе бидат насочени кон целосна функционалност на граничниот премин Требиште – Џепиште во областа Голо Брдо, кој е потребен за да може луѓето полесно да комуницираат од двете страни на границата.
Истовремено, Ѓурѓај нагласува дека Законот за националните малцинства во Република Албанија треба да ги реши проблемите на националните малцинства, но новиот закон не е во овој правец. Според Ѓурѓај, Комитетот за национални малцинства во Република Албанија треба да покаже поголема активност за националните малцинства, а особено за македонското национално малцинство.

– Досегашното тело, Комитетот за национални малцинства, од консултативно тело на Владата да прерасне во Агенција за национални малцинства со посериозни и обврзувачки ингеренции за афирмација на националните малцинства во Република Албанија. Досега неколкупати беше потврдено во многу извештаи на меѓународни институции што се занимаваат со правата на малцинствата дека оваа институција е подложна на политичко мешање, што резултира со нејзина целосна контрола од извршната власт и нејзина трансформација од тело за заштита на малцинствата, во тело штетно за дијалогот меѓу албанската влада и малцинствата. Сметаме дека Комитетот за националните малцинства треба да биде независен и активен глас на малцинствата, со способност да учествува во дијалог со Владата за заштита и подобрување на правата на малцинствата во Албанија, а неговата работа да биде јавна и присутна на медиумите во државата – вели Ѓурѓај.
Друштвото „Илинден“ – Тирана ќе остане посветено на борбата за македонско национално малцинство во Република Албанија, за унапредување на положбата и правата на Македонците врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност, нагласува Никола Ѓурѓај. Д.Ст.