Фото: Принтскрин

Затворањето на бугарските културни клубови во Македонија е елемент на зголемената тензија. Ова го изјави бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков.

– Дали свесно се обидуваат да ја подигнат тензијата, не знам, но она што исто така би го кажал е дека по усвојувањето на таканаречениот европски предлог, кој беше усвоен од целата Европска Унија, од Бугарија и од Северна Македонија на парламентарно ниво, не гледаме ниту еден чекор што е направен во насока на негово спроведување ниту во учебниците ниту ништо. Да не зборуваме за други чекори – рече Милков.

Претходно денес, бугарскиот претседател Румен Радев рече дека во изминатите 10 години најмалку десетпати го поканил македонскиот колега Стево Пендаровски да ја посети Бугарија. Според Радев, вклучувањето на Бугарите во Уставот ќе ѝ помогне на Македонија да раскине со, како што вели, идеологиите на тоталитарното минато и би означило почеток на демократизацијата на државата.

На коментарите претходеше изјава на Пендаровски, кој оцени дека во изминатите две години немал ниту еден конструктивен разговор со Радев. Според Пендаровски, сериското отворање на т.н. бугарски клубови во земјата е една од можните причини за зголемување на незадоволството кај граѓаните од францускиот предлог.