Фото: Маја Јаневска-Илиева

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повика претседателот на државата Стево Пендаровски да не ги потпишува законите поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д кои се во собраниска процедура.

Мицкоски денеска во одговор на новинарски прашања рече дека она што загрижува е тоа што целиот процес околу изградбата на коридорите се одвива нетранспарентно и јавноста нема увид во договорот.

– Сега излегуваат со некакви соопштенија каде што велат дека не се плаќаат пенали, туку биле дополнителни трошоци. Човек да не може да се изначуди на нивната глупост на отворена сцена. Затоа го имаме Пендаровски кој во улога на аналитичар се служи со народни мудрости, наместо да каже што ќе преземе. Јас го повикувам да не се крие позади Собранието и да излезе да се одважи и тие законски решенија кои ќе дојдат кај него да не ги потпише. Да не го суспендираме правиот поредок во државата и Уставот и еднаш во овие пет години како претседател да одработи во интерес на граѓаните и државата – изјави Мицкоски при денешната посета на општина Аеродром.

Во однос на ставот на Владата за продолжување на работните часови од 40 на 60 часа, Мицкоски рече дека вчерашниот владин одговор не заслужува никаков коментар, но посочи дека тоа е кривично дело.

– Тоа што тие го кажуваа вчера не заслужува буквално никаков кометар, но сакам уште еднаш да ги предупредам, дека свесно ја ставаат државата во подредена положба. Тоа е кривично дело и ќе повторам за ова кривично дело од првиот до последниот ќе одговараат – изјави Мицкоски.

Осврнувајќи се на вчерашната изјава на претседателот на државата дали ќе се кандидира на следните претседателски избори, Мицкоски рече дека Пендаровски со неговите изјави не престанува да се нуди на владејачката коалиција СДСМ и ДУИ мислејќи дека ќе биде повторно претседателски кандидат.

– Морам да го разочарам дека тој е најпосакуваниот противник за опозицијата на следните претседателски избори бидејќи сигурно ќе доживее дебакл од граѓаните и ќе изгуби, така што сите овие гимнастики и салта на отворена сцена не му доликуваат бидејќи сепак некакво портфолио на политичката сцена и треба достоинствено уште овие неколку месеци да ги одработи и да замине во историјата како еден лош пример како треба еден претседател да се однесува на една држава – рече Мицкоски.

Претседателот Пендаровски вчера за централниот дневник на телевизија „Сител“ изјави дека ќе ги чека финалните верзии на пакетот закони пред да одлучи дали ќе ги потпише указите.

Во однос на тоа дали повторно ќе се кандидира на следните претседателски избори, Пендаровски рече дека најважна му е поддршката од граѓаните.

– Кога ќе дојде време веројатно ќе се изјаснам. Јас сум рекол важна ми е поддршката од коалицијата која во 2014 ми ја даде таа поддршка, не само од 2019, но далеку поважна ми е поддршката од граѓаните. Ако ја немам, нема да размислувам, но ако ја имам, можам да размислувам заедно со политичките субјекти кои би сакале во тој период да ме поддржат – рече Пендаровски.


Мицкоски многу често ги менува ставовите, оцени премиерот Ковачевски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е пратеник, така што не е релевантен да зборува за уставните измени, а и многу често ги менува своите ставови, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Постапката за уставни измени треба да почне, оцени Ковачевски и изрази уверување дека Собранието има демократски капацитет за овој процес.

– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е пратеник, така да е нерелевантен да зборува за тоа прашање, а и многу често ги менува своите ставови. Прво кажуваше дека го поддржува Договорот со бугарскиот премиер во тоа време, потоа дека не го поддржува, потоа со премиерот Петков кажа дека поддржува уставни измени, па потоа рече дека не поддржува, потоа рече дека ако некој негов пратеник гласа за уставни измени ќе даде оставка, па им земаше нотарски изјави на пратениците дека нема да гласаат, за потоа да каже поддржуваме уставни измени, но по хрватски модел, па по три дена повторно рече дека не поддржуваат уставни измени – рече Ковачевски.

Посочи дека веќе се објавени членовите на Комисијата за подготовка на амандманите кои се претставници на политичките партии, а тоа ќе биде направено и со експертите кои треба да се дел од оваа Комисија.

– Процесот ќе почне и ќе се одвива во Собранието – рече премиерот, одговорајќи на новинарски прашања по денешната посета на компанијата „Левидиагро Дооел“ во Кочани.