Насилници во Грција, кои власта ги опиша како наркодилери, брутално ја прекинаа новогодишната прослава на Македонците во Лерин / Фото: Скриншот

Сè позачестените културни пројави на Македонците од егејскиот дел на Македонија очигледно почнаа да му пречат некому во Грција, при што кај нашиот јужен сосед сѐ повеќе се наоѓаат разни начини како да го обесхрабрат македонското население да ја изразува својата културна традиција на грчко тло

Нова тактика за опструирање на македонските културни пројави во Грција

Ако претходно тоа се правеше со директни притисоци и закани врз Македонците од страна на локалните грчки власти, сега по многубројните добиени случаи пред Судот за човекови права во Стразбур и сè почестото изнесување на Грција на тапет пред меѓународната јавност, во Грција некој започнува да спроведува поинаква тактика за да ја опструира македонската културна манифестација на северот на земјата.

Видеосведоштво: Насилно прекината прослава на Македонците

Неодамна на јутјуб-каналот „Егејски глас“ се појави снимка од новогодишна прослава на Македонците од Егејска Македонија, на која се гледа како во еден момент поголема група луѓе влетуваат и ја прекинуваат забавата. На видеото се гледа како Македонците се најпрвин вербално, а потоа и физички нападнати, од, како што се вели во описот, наркодилери од Лерин.
– Грчката власт и полиција не можат повеќе да ги малтретираат и понижуваат Македонците бидејќи Македонците редовно се жалат во Судот за човекови права во Стразбур каде што секогаш ги добиваат споровите, па така, грчката полиција смисли нов метод за малтретирање на Македонците, така што ги активира наркодилерите од Лерин и ги пушта да прават инциденти на македонски прослави. Истава наркогрупа досега има направено повеќе конфликти на македонски прослави, истава група направи и инцидент во Нерет. Досега никој од наркодилерите и сорабoтници на грчкото МВР не е приведен – се наведува во описот на видеотo.
Сличен инцидент бил направен и во Овчарани на новогодишната ноќ, но многубројните Македонци што биле присутни на оваа прослава успеале да ги спречат насилниците во намерата да го прекинат настанот.

Дел од грчкото општество и натаму одбива да ја прифати реалноста дека во неговата земја живее македонско малцинство

Во април минатата година, група маскирани луѓе упаднаа во галеријата во Солун каде што беше поставена изложба на македонскиот уметник Сергеј Андреевски, при што се однесуваа непристојно и вулгарно во обид да ја прекинат изложбата.
– Имаш право да кажеш дека си Словен и ништо друго – му рекле насилниците на македонскиот уметник, по што ги симнале неговите дела, со црвена лента го запечатиле просторот и си заминале.
Очигледно поголем дел од грчкото општество и натаму одбива да ја прифати реалноста дека во неговата земја живее македонско малцинство, кое сака да се почитуваат неговите основни малцински права, кои Грција, како членка на ЕУ и ОН, е должна да им ги овозможи, а во исто време, да ги спречи сите оние што на насилен пат се обидуваат да ги загрозат нивните права и слободи. С.Т.