Многу постапки идентификуваат дека високи претставници од албанскиот политички блок од земјава сѐ почесто одат во Тирана и Приштина каде што во консултации со тамошните политички центри се обидуваат да ја креираат и да влијаат на иднината на Македонија. За жал, од таквите нивни консултации, формални или неформални, во јавноста се лансираат разноразни „платформи“ што не ја гледаат Македонија како унитарна држава, туку како склопен мозаик во нивните големодржавни аспирации…

Албанските политичари од земјава сè почесто на „ходочастие“ во Тирана и Приштина

Очигледно плановите за иднината на Македонија за сите албански политичари во земјава треба да се коват исклучиво во координација со Приштина и Тирана, а дека е тоа така покажуваат зачестените посети пред секој изборен циклус во земјава на соседните земји.
Со други зборови, тоа значи дека приоритет е да се усогласат партиските платформи за настап на изборите со големоалбанската кауза во регионот наместо со интересите на македонските граѓани и на државата Македонија.
Имено, пред неколку дена косовскиот премиер Албин Курти свикал и одржал средба во Приштина со албански политички лидери во земјава, на која присуствувале водачите на обединетите Беса, Алтернатива и Демократско движење – Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити. Наедно, на средбата со Курти присуствувал и Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците, која веќе извесен период е дел од власта на СДСМ и ДУИ, но сè уште калкулира како ќе настапи на следните избори.
Албанскиот премиер Еди Рама пред шест години ги собра албанските лидери од земјава во Тирана, за на Божиќ 2017 година сите тие да излезат со платформа, попозната како Тиранска платформа, која беше клучна за формирањето влада што ја одведе државата кон промена на името и кон создавање нов национален идентитет. Со реализацијата на таа Тиранска платформа се забрза процесот на разградување на Македонија како држава на македонскиот народ, со намера тој да се претвори во обична заедница без државотворен карактер и на тој начин да се наметне албанското малцинство како главен фактор во државата.
Сега историјата се повторува, само што овој пат конците се влечат од Приштина. Најпрво Курти присуствуваше на партиски настан во Тетово под обележјето на „голема Албанија“, а неодамна беше најавено дека членови на косовското Самоопределување ќе се најдат на заедничките листи на изборите во Македонија, што на некој начин претставува директно мешање на една соседна држава во изборниот процес во земјава и наметнување туѓи политики и агенди.
Сето ова јасно говори дека преку албанскиот политички блок во земјава, Тирана и Приштина ја креираат иднината на Македонија, која во сите нивни платформи не ја гледаат како унитарна држава, туку како склопен мозаик во нивните големодржавни аспирации.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека Тирана и Приштина ќе ги диктираат политиките во Македонија сè додека постојат поделби во македонското ткиво.
– Кога ќе си ја дадеме државата под кирија, нормално е да ни се случува ова што ни се случува и други да ни ја кројат судбината. Немаме стратегија, нема договор, не функционира ништо и некои знаат да го користат моментот да извлечат што повеќе. Затоа се тие координации со соседните центри – вели Јањатов.
Според него, албанските политичари во земјава го користат моментот на внатрешни поделби меѓу Македонците за да ги максимизираат нивните барања, а постојано добиваат и дополнителни инструкции од Тирана и Приштина.
– Политичарите од албанскиот политички кампус во земјава ја користат разединетоста во македонскиот политички блок. Тоа ривалство меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го користат максимално, а македонската неслога е генератор на сите проблеми – констатира Јањатов.
Дел и од преостанатите соговорници сметаат дека консултациите што македонските политичари од албанскиот политички блок ги прават во Приштина и Тирана се во насока на координирање на регионалните заеднички политики, на штета на македонските интереси.
– Ако на албанските политичари им беше важна иднината на Македонија, тогаш ќе одбиеја да одат на „баци рака“ во Приштина и Тирана. Па еден Курти своевремено не отиде во Тирана оти не му се допаѓаа плановите на Рама за Косово, оти сметаше дека тие самите треба да си ги креираат сопствените политики. Е кај нас тоа не е случајот. На албанските политичари од земјава многу поважно им е какви инструкции ќе добијат од соседството отколку како да им го подобрат животот на сопствените граѓани во Македонија. Очигледно ваквите консултации не се само обични седенки, туку утврдување на стратегијата за реализација на сеалбанската платформа за една држава во која ќе живеат сите Албанци, сето тоа подзатскриено зад параванот на евроинтеграциите. Крајно време е овдешните албански функционери да сфатат дека живеат во Македонија и дека интересот треба да им биде Македонија, а не некои други држави. Во спротивно, слободно можат да си градат политичка кариера таму, како во Тирана така и во Приштина – заклучуваат нашите соговорници.