МПЦ-ОА со нов чекор кон целосна рамноправност во православната екумена

Фото: bigorski.org.mk

Владики од Македонската православна црква-ОА во посета на Вселенската патријаршија

Информацијата што дојде од Фанар, Истанбул, од седиштето на Вселенската патријаршија, каде што биле поканети митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј и митрополитот струмички Наум, за да присуствуваат на приемот на новиот кипарски aрхиепископ Георгиј кај вселенскиот патријарх Вартоломеј, очигледно е уште еден доказ дека работите се движат во вистинска насока за целосно признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, пред претстојното врачување на томосот. Како што е веќе познато, сесветиот вселенски патријарх г.г. Вартоломеј, заедно со светите архијереи на Свештениот синод на Вселенската патријаршија, на 9 мај 2022 година ја донесе епохалната одлука со која беше прекината повеќедецениската изолација на Охридска архиепископија и таа повторно беше примена во литургиско и канонско единствено со целата православна екумена.
Во очекување на реализација на веста што ни ја пренесе специјалниот пратеник на Вселенската патријаршија, високопреосвештениот митрополит на Имврос и Тенес г. Кирил, при неодамнешната посета на Бигорскиот манастир, дека „годинава неговата божествена светост, патријархот вселенски г.г. Вартоломеј ќе ја посети Македонија и на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, лично ќе му го врачи очекуваниот томос за автокефалноста на Македонската православна црква од Вселенската патријаршија“, со присуството на македонските владици во Фанар продолжуваат чекорите за градење сѐ поблиски врски со другите православни цркви.
Како што беше објавено на веб-страницата на Бигорскиот манастир, за време на приемот во Фанар биле разменети пригодни слова од страна на владиците Тимотеј и Наум.

Во соопштението, пак, на официјалниот портал на Вселенската патријаршија се наведува дека „архиепископот на Нова Јустинијана и цел Кипар, г. Георгиј, ја оствари својата прва мирна посета по изборот и востоличувањето, започнувајќи, како што налага преданието, од првопрестолната помеѓу патријаршиите – Великата Христова Црква во Константинопол“. Во чест на архиепископот Георгиј, кој бил придружуван од архијереи на Кипарската црква, била отслужена Доксологија во патријаршискиот храм „Св. Георгиј Победоносец“.
МПЦ-ОА официјално сѐ уште не споделува детали за настанот, единствено митрополитот Тимотеј за дел од медиумите изјави дека нема ништо спектакуларно во самата вест. Сепак од фотографиите за настаните за кои извести Вселенската патријаршија може да се забележат двајцата митрополити на МПЦ-ОА.
Вселенската патријаршија, пак, објави на својата официјална страна дека патријархот Вартоломеј за време на говорот посебно ги поздравил двајцата македонски архијереи како гости од Охридската архиепископија. Вселенската патријаршија исто така не соопштува детали дали во Фанар овие денови било разговарано за томосот што треба вселенскиот патријарх да го издаде за автокефалноста на МПЦ-ОА. Н.М.