Фото: Игор Бансколиев

Уставниот суд во образложението на својата неодамнешна одлука за укинување на членот 22 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери конечно го допре прашањето за одговорност! Имено, како што образложи Уставниот суд во врска со гореспоменатиот член, тој го зема предвид фактот дека „до оставка или разрешување доаѓа поради некаков вид одговорност, поврзана со вршењето на доверената функција!“ Ете, конечно, токму ова образложение, според нашите соговорници, во еден поширок и принципиелен контекст на владеењето на правото, аналогно се проектира и како образложение и за мноштво други закони, па носителите на јавни и државни функции, едноставно и без никакви пречки, да бидат повикани на одговорност пред институциите и пред граѓаните за она што го сработиле или не го сработиле, за она што го сториле или не го сториле и да си понесат јавно одговорност: политичка, кривична, материјална, а секако и морална!

Искушенијата на правната држава со „одговорноста“ на носителите на јавни функции

Откако Уставниот суд донесе одлука за укинување на членот 22 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери, што теоретски правно значи дека функционерите што поднеле оставка или биле разрешени нема да можат да земат апанажа, тројцата министри што беа разрешени неколку дена пред носењето на одлуката сѐ уште размислуваат дали ќе побараат апанажа. Извесно е дека укинувањето на членот 22 од Законот за плата на функционерите не ги опфаќа штотуку разрешените министри бидејќи правното дејство на оваа одлука на Уставниот суд започнува со објавувањето во „Службен весник“ и нема ретроактивно дејство.

Конечно некој од правниот систем во Македонија го отвора прашањето за некаков вид одговорност за резултатите
од работата на политичарите

Она што ја возбуди јавноста од укинувањето на апанажата и дигна шум за функционерите со предвреме прекинат мандат беше образложението во соопштението на Уставниот суд!
Имено, како што образложи во своето соопштение, Уставниот суд во врска со гореспоменатиот член „го зема предвид фактот дека до оставка или разрешувањето доаѓа поради некаков вид одговорност, поврзана со вршењето на доверената функција!“ Ете, конечно, токму ова образложение, според нашите соговорници, во еден поширок и принципиелен контекст на владеењето на правото, аналогно се проектира и како образложение (да важи) и за мноштво други закони, па носителите на јавни и државни функции, едноставно и без никакви пречки, да бидат повикани на одговорност пред институциите и пред граѓаните за она што го сработиле или не го сработиле, за она што го сториле или не го сториле и да си понесат јавно одговорност: политичка, кривична, материјална, а секако и морална! Причина за „возбуда“ беше надежта дека конечно некој од правниот систем во Македонија го отвора прашањето за некаков вид законска одговорност за резултатите од работата на политичарите додека се на функција во извршната власт.
– Член 22 повеќе нема да биде во правниот поредок, бидејќи одлуката што денеска ја донесе Уставен суд е конечна. Уставниот суд смета дека оваа одредба не е во согласност со владеењето на правото, којашто е една од темелните вредности на уставниот поредок и дека, според Судот, овој член нема уставна оправданост. Судот го зема предвид фактот дека до оставка или разрешување доаѓа поради некаков вид одговорност, поврзана со вршењето на доверената функција. Оставката или разрешувањето и добивањето на паричниот надомест се неспоиви и затоа е укината оваа одредба – објави Уставниот суд.
Сепак, уставните експерти се некако сѐ уште резервирани во однос на ефектите во поглед на барање одговорност како генерален принцип или, пак, некакво санкционириње на политичарите – во оваа одлука на Уставниот суд.

Мора да има утврдување одговорност на избраните и именуваните функционери во Македонија

Интересно е дека во иницијативата до Уставниот суд на адвокатот Ќатовски се бара укинување на седум члена од Законот, од 19-от до 25-от член, како спротивни на Уставот. Уставниот суд одлучи да го укине само членот 22 и се чини дека и понатаму остава предизвици за уставноста и владеењето на правото во однос на одговорноста во работата на политичарите, во својство на избрани и именувани функционери.
– Одговорноста на избраните и именуваните функционери во Македонија се сведува најмногу на политичка и морална одговорност. Никаде во законодавниот систем не е дефинирана некаква законска одговорност на политичарите за водење неуспешни или погрешни политики во текот на нивниот ефективен мандат. Освен можеби во Кривичниот законик, во делот за злоупотреба при вршењето на функцијата, или измама во службата. Но тоа е друга правна материја, која секако не ја опфаќа одговорноста за неефикасност во работата, носење погрешни одлуки на штета на граѓаните и на државата. Во тој контекст, одлуката на Уставниот суд за укинување член од Законот за плати на функционерите, со кој им се ускратува апанажа на оние на кои порано ќе им заврши мандатот, речиси и нема никакво значење, во смисла на санкционирање за некаква неодговорност при извршување на функцијата. Укинувањето само на овој член, сепак остава простор за понатамошно толкување на неговата извршност и не го решава прашањето за уставноста на други законски решенија за плати и надоместоци на другите функционери. Во таа смисла, уставно дискутабилен е целиот концепт на апанажа за функционери на кои им завршил мандатот, како и оној за доживотна плата на поранешните претседатели на државата во висина на платата на актуелниот претседател. Уставот не предвидува такви решенија, кои се регулирани со закон. Уставниот суд треба да ја преиспита уставноста и на тие законски решенија – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.

Задолжително барање одговорност од политича рите за досегашното уживање на привилегиите што им ги давал законот

Адвокатот Александар Тортевски смета дека одлуката за укинување на апанажите на разрешените функционери, можеби не активира некаков процес за барање одговорност за (не)ефикасноста во работата на функционерите, но барем означува некаква реакција на правниот систем за статусот на политичарите во општеството, кој е неправедно привилегиран во однос на статусот на другите граѓани во државата.
– Укинатиот член од Законот за плати и надоместоци на функционерите, секако е неуставен, во смисла дека воспоставува неуставен и неправеден статус на однос на еднаквоста на правата од државата на одредена група граѓани (политички функционери) пред другите граѓани. Сепак, одлуката на Уставниот суд за укинување на тој член од законот сѐ уште не чувствувам дека ќе добие димензии на барање одговорност од политичарите за досегашното уживање на привилегиите што досега им ги давал законот. Одлуката што ја донесе Уставниот суд е укинувачка, а не поништувачка. Мислам дека Уставниот суд не ни донел некогаш поништувачка одлука, што во овој случај би значело дека сите што добивале апанажа врз основа на укинатиот член од законот би требало да ги вратат добиените средства. Поништувачката одлука на Уставниот суд би предизвикала безброј други правни ситуации, односно барем 30.000 судски спорови од последната одлука за укинување. Но подобро е некогаш да започне некој процес на задоволување на правдата отколку никогаш да не се случи – вели Александар Тортевски.