Фото: Игор Бансколиев

Лажните дојави за бомби, кои во последниов период ги празнат училниците, трговските центри и други објекти и институции низ земјава, сѐ повеќе ги нарушуваат и онака кревкото психолошко здравје и функционирањето на луѓето, смета психологот Адмир Косоврасти

Повеќе недели по ред во Скопје, а потоа и во Кавадарци, стигнуваат лажни дојави за бомби, по кои следува евакуација на оние што се во објектот или во близина, проверка на антитерористичките единици на Министерството за внатрешни работи, метежи и реорганизација… Поради ваквите случувања, многу ученици и наставници ги доработуваат изгубените часови од наставата, а вработените дополнително мора да ја завршат својата работа. Згора на сѐ, низ градот се прави метеж и поради реорганизацијата на сообраќајот.
Имено, лажните дојави за бомби, кои во последниов период ги празнат училниците, трговските центри и други објекти и институции низ земјава, сѐ повеќе ги нарушуваат и онака кревкото психолошко здравје и функционирањето на луѓето, смета психологот Адмир Косоврасти. Во мини-анкетата со повеќе десетици граѓани, заедничкиот именител на нивните изјави е токму она што го тврди психологот Косоврасти.
– Ние живееме во центарот на Скопје, а синот учи во гимназијата „Јосип Броз-Тито“. Знам дека се лажни дојавите и кога и да се јави дека излегува од школо не паничам, но сепак постои некое црвче што не те остава раат. Од друга страна, имаа испрашувања, тестови, доработуваа, правиме нова организација дома. Не можам да разберам кому ова може да му биде задоволство? Ајде, ние не се движиме со автомобил, ама што да кажат оние што вртат низ градот кога се затворени улиците за да стигнат дома, или да си земат деца од градинка и училиште. Малку ли ни беше стресот со пандемијата, со кризата и цените, па сега и со лажни дојави се нервираме. Ако некому му е поентата да покаже дека не може да го фатат, ете, му успева, покажа, доволно е – вели Ели К. од Скопје.
Лажните дојави за бомби се сериозен удар врз секојдневието и динамиката на живот на просечниот човек, кои во голема мера се разнишани по ковид-пандемијата, конфликтот Русија – Украина, енергетската и економската криза, тензиите во соседството…

– Во вакви случаи доаѓа до пораст на хормонот за стрес кортизол, кој предизвикува палпитации, потење, вознемиреност, страв проследен со катастрофални мисли и исчекување дека нешто лошо ќе се случи во блиска иднина. Кај некои од луѓето доведува до анксиозност, кај некои тие може да бидат поттикнувач за појава на панични напади, а за голем дел од населението се причина за недоверба во системот – појаснува Косоврасти.
Тој додава дека поради зачестеноста на ваквите дојави, голем е бројот и на луѓе што веќе отрпнаа на овие лажни закани и апсолутно не ги сфаќаат како сериозни и животозагрозувачки ситуации, туку напротив, ги лутат и се однесуваат индиферентно и занемарувачки, што во некои ситуации е во ред. Но, сепак, треба да се почитуваат насоките на компетентните лица за да не ни се случи приказната со волкот, овчарчето и овците.
– Од психолошки аспект, неопходно е властите позасилено да работат на откривање и казнување на оние што ги нарушуваат безбедноста и благосостојбата на граѓаните, со цел да се чувствуваат безбедни и да веруваат дека постои систем што е функционален – порача психологот Косоврасти.
Инаку, според премиерот Димитар Ковачевски, безбедносната состојба во државата е стабилна, а МВР целосно и успешно ја врши својата работа за да ја гарантира безбедноста за секој граѓанин.

– За монструозниот чин на дојава за бомби, која прво започна во автобусите на ЈСП, потоа по училиштата во Скопје и во некои други градови, а во последниве денови се прошири во трговски центри и во поголеми станбени згради, тие се секогаш поврзани со јавноста, која впрочем е еден од клучните работи во делот на тероризмот – изјави вчера премиерот.
Кај голем дел од овие дојави станува збор за ви-пи-ен врски хостирани во странство, при што речиси апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата, бидејќи тоа се приватни виртуелни мрежи хостирани во странски држави и затоа се работи со партнерските служби – рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, заканите се резултат на хибридна војна и останува како и досега нашите служби заедно со партнерските служби да се справуваат со овој проблем.