Четврти пат финале помеѓу двојни шампиони

Актуелниот првак Франција ќе игра со Аргентина в недела (16 часот), во мечот за титулата на СП 2022, натпревар на кој можеби ќе се решаваат и добитниците на „златната копачка“ и на „златната топка“, меч што би можел да биде и финале за паметење…

ФУДБАЛ

Актуелниот светски првак, селекцијата на Франција, со победата во полуфиналето со репрезентацијата на Мароко, со 2-0, се пласира во второто финале во низа и в недела (16 часот) ќе игра со Аргентина, во мечот за титулата на фудбалското Светско првенство (СП) во Катар. Тоа ќе биде и дуел на соиграчите од Пари сен Жермен, Килијан Мбапе и Лионел Меси. Изедначени со по пет гола на врвот на листата на стрелците на СП 2022, тоа, исто така, може да биде средба за добитникот на „златната копачка“, можеби дури и за „златната топка“, пишува „Скај спорт“. Во дуелот за бронзениот медал утре (од 16 часот) ќе се сретнат Хрватска и Мароко.
Мбапе (23) игра за својот втор златен медал на светските првенства, а Меси, кој е 12 години постар, игра за трофејот што му недостига. Статусот на Мбапе дополнително ќе се зацврсти со последователни триумфи, бидејќи Франција има цел да стане нова репрезентација што победила на последователни светски првенства, пишува „Би-би-си“.
Бразил го направи тоа во Шведска, во 1958 година, а потоа во Чиле четири години подоцна, а претходно Италија со победите во 1934 и 1938 година.
Мбапе беше стрелец кога Франција ја победи Хрватска со 4-2 во финалето во Москва, на СП 2018. Легендата на Бразил, Пеле, е единствениот фудбалер со три светски титули, а само уште 20 други фудбалери освоиле повеќе од една. Тоа отвора извонредни можности за францускиот напаѓач, пишува „Би-би-си“.
За Меси, контекстот е поинаков. Тој освои сѐ што може да понуди играта, освен најголемиот трофеј од сите, тој на светско првенство. Според неговите најави, финалето е последниот натпревар на светските првенства и недела е денот кога може да го достигне сето тоа, обезбедувајќи совршен крај на неговата приказна со Аргентина, пишува „Би-би-си“.
Следува финалето на годинашното Светско првенство, Франција – Аргентина, дуелот би можел да биде и финале за паметење, може дури и да се сведе на еден момент на генијалност од двајцата играчи, пишува „Би-би-си“.
И за селекторот на Франција, Дидие Дешан, пак, неделниот меч нуди место во историјата и шанса да ја дополни својата прекрасна кариера. Тој беше капитен на Франција во триумфот на Светското првенство дома, во 1998 година. Дешан е само четвртиот селектор што предводел една репрезентација во две финалиња на СП, по Виторио Поцо со Италија во 1934 и 1938 година, Карлос Билардо со Аргентина во 1986 и 1990 година и Франц Бекенбауер со Германија во 1986 и 1990 година, и само вториот, по Поцо, што може да го освои трофејот двапати.
Финалето в недела на фудбалското Светско првенство во Катар, помеѓу Аргентина и Франција, ќе биде нов дуел помеѓу репрезентации што досега двапати биле светски прваци. Аргентина ги освои титулите во 1978 година дома и во 1986-та во Мексико, а Франција беше првак во 1998-та на свој терен и во 2018 година во Русија. Такви финалиња помеѓу двојни шампиони на еден мундијал се случија уште трипати претходно. Прво во 1970 година, кога играа Бразил и Италија, дотогаш прваци во 1958 и 1962 година, односно во 1934 и во 1938 година, потоа во 1982 година, кога се сретнаа Италија и Германија, која дотогаш беше шампион во 1954 и во 1974 година, како и во 1990-та на дуелот Аргентина – Германија.

ДОСЕГАШНИ СВЕТСКИ ПРВАЦИ

Бразил 5
Италија 4
Германија 4
Уругвај 2
Аргентина 2
Франција 2
Англија 1
Шпанија 1