Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски, смета дека саемот за вино „Отворен Балкан“ во Белград е одлична можност да се испрати пораката на обединетост, подготвеност за заедничка соработка и носење мудри одлуки.
Јаневски во пресрет на саемот, за МИА вели дека на манифестацијата ќе се претстават 333 винарници од регионот, Европа и светот, а со оглед дека и храната ќе биде во фокусот, како вид традиција, ќе има по пет мастершефа од земјава, од Србија и од Албанија. Вкупно 300 квадратни метри, пак, се резервирани за туризмот.
– Очекувам од саемот за вино да ја испратиме пораката дека Балканот е обединет. Од минатото да извлечеме поука и да носиме мудри одлуки. Да работиме и да создаваме мостови, а не пречки – истакна Јаневски.
Тој информира дека од македонска страна ќе се презентира и фолклорот, ќе има изработка на бисери и филигран, а ќе биде организирана и македонска вечер, чиј домаќин ќе биде премиерот Димитар Ковачевски. На македонската вечер се очекува да присуствуваат 500 гости.
Оцена на директорот на АППТ е дека иницијативата Отворен Балкан е голем туристички потенцијал, кој може да генерира 30 милиони ноќевања и значително да го зголеми бројот на регионалните гости.