Фото: Пиксабеј

Симптомите на алергиски реакции може да се движат од благи и мали до крајно загрижувачки. Во некои случаи, алергиите можат да предизвикаат животнозагрозувачка состојба позната како анафилактичен шок

Автор: Зуљќуфли Зенуни, магистер по фармација

Алергијата е прекумерна реакција на имунолошкиот систем на надворешни супстанции. Надворешните супстанции кои можат да предизвикаат алергиски одговор, се нарекуваат алергени. При контакт со алергените, лимфоцитите ( Т-лимфоцити и В-лимфоцити ) произведуваат антитела кои се специфични за одредени алергени (најчест е имуноглобин Е), ослободувајќи хистамин кој предизвикува различни промени во организмот, кои во одредени случаи можат да го загрозат и здравјето на човекот. Во зависност од тоа колку време поминува од моментот на навлегување на алергенот до моментот на појава на алергискато воспаление, алергиските реакции се делат на:

• алергиски реакции од ран (брз) тип
• алергиски реакции од доцен (одложен) тип

Симптоми

Симптомите на алергиски реакции може да се движат од благи и мали до крајно загрижувачки. Во некои случаи, алергиите можат да предизвикаат животнозагрозувачка состојба позната како анафилактичен шок.
Во зависност од видот на алергенот и местото на реакцијата, алергијата може да се манифестира на различен начин.

Вообичаени симптоми:

• Солзење и црвенило на очите
• Осип и чешање на кожата
• Секреција на носот
• Алергиски конјунктивитис
• Отежнато дишење
• Кивање

Поставување дијагноза

Бидејќи постојат многу други заболувања кои можат да ги предизвикаат истите симптоми како и алергените, со цел да се дознае на што се должат настанатите симптоми и да се спроведе вистинскиот третман, потребно е да се направи алерготест.
Алерготестот е единствениот начин да се утврди што ги предизвикува симптомите. Кога ќе се утврди вистинската причина за настаната алергиска реакција, може да се спречи понатамошниот контакт со алергенот и да се ублажат симптомите со соодветен третман.

Третман

• Антихистамини за ублажување на симптомите
• Кориктостероиди за спречување на развивање на симптоми
• Хипосензибилација (постепено додавање на се поголеми дози на алергени со цел да се произведат антитела кои треба да ги спречат понатамошните реакции)