Фото: Игор Бансколиев

Колку и да е навидум транспарентна и во прилог на некаква партиска демократија отчетноста на владините министри од таа партија, спорниот момент е во „барањето за реконструкција на својот дел од Владата“ на партискиот лидер, кој самиот не е дел од извршната власт и формално е „само“ пратеник во Собранието. Таквата фактичка состојба наведува дека партискиот лидер нема (и не треба да има) целосен увид во работата на извршната власт, што секако е надлежност на премиерот, па, според важечките уставни и законски одредби во државата, и нема право и ингеренции да одлучува за составот (или реконструкцијата) на Владата

Европскиот скрининг ќе го забележи ризикот од функционирањето на „паралелен премиер“ во државава

Најновите политички затсценски дејства во Македонија, предизвикани од потребата за зацврстување на владејачкото мнозинство во Собранието со нов коалициски партнер во Владата, повторно го актуализираа речиси хроничниот феномен на македонската демократска практика – „премиер во сенка или паралелен премиер“. Парадоксалноста на овој компромитирачки феномен за една демократска држава е во тоа што колку повеќе другите политички чинители (па и меѓународни партнерски фактори) се трудат да не го игнорираат неговото постоење, неговите „практиканти“ сѐ посамоуверено го манифестираат како сосема „регуларен принцип“.
Шпекулациите за влез на Алијанса за Албанците како нов албански коалициски партнер во Владата на Македонија исфрлија во јавноста други неофицијални информации за заострени превирања во редовите на „фиксниот“ коалициски партнер ДУИ. Од таквиот сплет на настани, информации и полуинформации произлезе и едно гласно кажано очекување дека претседателот на ДУИ, Али Ахмети, ќе му предложи на премиерот Димитар Ковачевски реконструкција на Владата во делот на министрите од неговата партија?! Дури се кажува и дека има и отчет за резултатите од работата во Владата на министрите на ДУИ, поднесен до лидерот на партијата!?
Колку и да е навидум транспарентна и во прилог на некаква партиска демократија отчетноста на владините министри од таа партија, спорниот момент е во „барањето за реконструкција на својот дел од Владата“ на партискиот лидер, кој самиот не е дел од извршната власт и формално е „само“ пратеник во Собранието. Таквата фактичка состојба наведува дека партискиот лидер нема (и не треба да има) целосен увид во работата на извршната власт, што секако е надлежност на премиерот, па, според важечките уставни и законски одредби во државата, и нема право и ингеренции да одлучува за составот (или реконструкцијата) на Владата.

Европскиот скрининг ќе ги маркира ваквите фактори на ризик

Парадоксалноста на постоењето на феноменот на политичкото однесување на ДУИ е уште поизразена во овој политички миг, кога веќе е започнат т.н. процес на европски скрининг на усогласеноста на македонското законодавство и регулативи со оние на ЕУ, со особено нагласено внимание за владеењето на правото.
– Се чини дека никој не обрнува внимание на негативните феномени во политичката практика на владеење во Македонија. Јас секогаш принципиелно сум укажувал на сите аномалии во политичкиот амбиент во Македонија, како во однесувањето и практиката на партиите, а уште повеќе кога владеат. Тој феномен на „премиер во сенка“, како и лидерските средби, е спротивно на уставот, а никако не е својствено во политичката практика на ниту една друга демократска земја. Кога министри од една (коалициска) партија велат дека не му одговараат и не му даваат отчет на премиерот, туку само на партискиот лидер, укажува на сериозен дефект на принципите на демократско владеење во државата. Уште позагрижувачки е што другите партнери во коалицијата молчат на ваквото однесување. Таквите дефекти во функционирањето на Владата и воопшто на политичкото однесување на партиите веќе секојдневно предизвикуваат сериозни скандали. Но ние немаме информација дали овие скандали се одразуваат во скрининг-процесот на ЕУ, кој, еве, ни се случува по вторпат. Дали овој феномен на партизација е забележан во некој од скрининзите? Секако, тој феномен не им е својствен ниту на правната држава ниту на владеењето на правото, на кои ЕУ постојано се повикува – вели Џевдет Хајредини, политичкиот аналитичар и прв министер за финансии во независна Македонија.
Скринингот како метод, па и стратегија, секако треба да ги препознае и постави маркерите на ризик за ваквите аномалии и состојби што долги години се влечат во Македонија и суштински го нарушуваат функционирањето на политичкиот систем во државава, повлекувајќи и други состојби на дерогирање на институциите и сѐ поголема нефункционалност на државата.

Реструктурирање на механизмите на државно управување

Голем број политички искуства укажуваат на практиката партиските лидери изборот за одредени политички функции да го прават повеќе според лојалноста изразена спрема нив од сопартијците, отколку според сознанија и процена на нивните професионални капацитети и способности.
– Вообичаено во политичката практика е лидерот на партијата да ја има најголемата моќ во Владата, односно да биде премиер доколку неговата партија победи на избори, кој ќе ја носи одговорноста за работата, но и ќе бара одговорност од министрите во неговиот кабинет. Но реалното политичко функционирање во Македонија покажува специфични отстапувања од таквиот принцип на повеќепартиската демократија, па министрите и сите пониско именувани функционери од ДУИ отворено и секогаш кажуваат дека одговараат единствено пред лидерот на партијата, што е тешка аномалија и предизвикува длабока дисфункционалност. Дури, претседателот на партијата Али Ахмети со министрите од неговата партија во македонската влада еднаш отиде во своевидна „официјална“ средба со премиерот на Косово. Таквото однесување на партијата ДУИ во нејзиното партиципирање и практикување на власта повеќе укажува на двостепена влада, односно го компромитира системот на демократија во Македонија, па повеќе можеме да зборуваме за партократија. Кога зборот на партискиот лидер е посилен од принципот на државното уредување, правниот систем и владеењето на правото, таа држава има сериозен проблем со својата дефиниција на државност – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Како дел од феноменот на партиски лидер со моќ на премиер, но без никаква фактичка одговорност, па ни морална ни етичка, Пекевски го забележува и обидот за игнорирање на оваа појава од другите политички чинители во Македонија, но и од меѓународните партнери.
– Без оглед на начинот на нивното политичко дејствување, што никако не соодветствува со принципите на демократијата и владеењето на правото, кај претставниците на меѓународната заедница, ДУИ важи за „доверлив партнер“, кој ги исполнува целите и задачите зададени од нив. Не може нашите меѓународни партнери повеќе да ги интересираат резултатите во спроведувањето на нивните интереси, отколку декларативните заложби за владеење на правото – вели Пекевски.
Ваквата востановена политичка практика е неопходно да запре, и тоа токму со укажувањето на скринингот.
Ова е уште една клучна точка на реформите, кои мора да бидат и длабоки и ефикасни мерки на реструктурирање на механизмите на државно управување, велат нашите соговорници.