Сјајот на медалите ја осветлува и Македонија

Тимските спортови и во светот се секако големи, според масовноста, вниманието, гледаноста, спонзорствата…, а од нив фудбалот, на пример, е вистинска моќна индустрија. Во Македонија секој од тие екипни спортови (ракомет, кошарка, фудбал, одбојка…) е, исто така, популарен, има свои големи успеси. Поединечните спортови, пак, одново и одново, со нови признанија, како, на пример, освоените сјајни медали во минатите само неколку недели во три спорта, и тоа обезбедени на натпревари на планетарно ниво, сениорско и младинско, потсетуваат на својата долга низа успеси, потсетуваат на својата важност, на својата големина, на својот потенцијал… Македонија најголем број медали од најголемите натпреварувања освои токму во поединечните спортови. Популарните екипни спортови се магнет за спонзори, но поголем фокус е потребен и за поединечните жнеачи на успеси, собирачите на медали… Добро би дошол посилен ветер во грбот

Златни, сребрени и бронзени медали. Македонски спортисти за само дваесетина дена освоија вредни, сјајни трофеи, но забележаа и неколку високи пласмани на други силни меѓународни натпреварувања. Медалите, како и секогаш, се доказ за големиот успех (згора, некои од тие трофеи се со додавка „светски првак“, некои, пак, се исклучително важни оти се освоени во младински категории на планетарно ниво), секако, тие се и назнака за големата работа, труд, време, енергија… вложени во минатиот период пред освојувањето на вредните метали, како претходница на триумфот, период броен во месеци и во години, но се и уште еден потсетник за моќта, значењето… на поединечните спортови.
Само некои од освојувачите на сјајните медали, и тоа само во минатите неколку недели, згора сите обезбедени на планетарно натпреварување, се Оливера Наковска-Бикова, која го комплетира сетот златни медали, откако стана и светска шампионка во стрелаштво, по претходно освоените титули на европски првенства и на параолимписки игри, каратистите Витомир Трајковски и Стефан Стојановиќ, кои освоија сребрени медали на младинското Светско првенство, за кадети, јуниори и за постари јуниори, Мартин Саздов, кој стана светски шампион во една од најпопуларните игри во е-спортот, Дота 2, освојувајќи го натпреварувањето „Интернешнл 11“ заедно со неговиот тим Тундра Еспортс…
Тимските спортови и во светот се секако големи, според масовноста, вниманието, гледаноста во живо и преку телевизиите, спонзорствата…, а од нив фудбалот, на пример, е вистинска моќна индустрија. Во Македонија секој од тие тимски спортови е, исто така, популарен, има свои големи успеси (ракометот е број еден, со големи континуирани резултати на репрезентативен и на клупски план, кошарката високо котираше, со, на пример, четвртото место во Европа, фудбалот претходниве години се избори за своето место, пред сѐ со пласманите на младинското и на сениорското европско првенство и учеството во финалето на баражот за пласман на сениорскиот светски шампионат, одбојката, некогаш со клуб што беше и четврти во Европа, пак е во подем, особено репрезентативен, награден и со домаќинство на Европското првенство в година…), а во секој од нив сега и во минатото со одлични поединци, препознаени и признаени во Европа и во светот.
Поединечните спортови, пак, одново и одново, со нови медали, како тие во минатите неколку недели, потсетуваат на својата долга низа успеси, потсетуваат на својата важност, на својата големина, на својот потенцијал… Македонија најголем број медали, од секој од трите, од најголемите натпреварувања (светски и европски првенства, олимписки и параолимписки игри) освои токму во поединечните спортови, како, на пример, борење, бокс, карате, таеквондо, кикбокс, параолимписко стрелаштво…
Секако, имало и има успеси и во други поединечни спортови (на пример, во пливањето, меѓу другото, Македонија има и член во Куќата на славните, во кајакот се остварени високи пласмани на европски и на светски шампионати и на летни олимписки игри), а од другите, на пример, џудото сега е во подем со сѐ повеќе медали, шахот, пак, прави значаен чекор напред со влегувањето во училишната програма како изборен предмет во основните училишта, во прво, второ, четврто и во петто одделение… А на тасот на сите овие поединечни трофејни спортови, сега се приклучува и најбрзорастечкиот спорт во светот, е-спортот, во кој Македонија, по големите меѓународни успеси, со забрзано темпо се впишува на светската мапа.
Овие минати и сегашни резултати укажуваат дека во Македонија има предиспозиции за повеќе спортови. Популарните екипни спортови се магнет за спонзори, но поголем фокус е потребен и за поединечните жнеачи на успеси, собирачите на медали…, кои можат и прават големи меѓународно мерливи резултати во континуитет. Добро би дошол посилен ветер во грбот, кој, пак, меѓу другото, ќе донесе подобри услови, ќе помогне да му се зголеми популарноста на соодветниот спорт, да не запира потрагата по таленти, да се рашири базата, оти едноставно е – колку повеќе млади се занимаваат со некој спорт, толку подобар резултат може да постигнат поединците или тимовите и репрезентациите.

[email protected]