Ако жената во својот дом не може да се чувствува најбезбедно, ако децата во својот дом не можат да се чувствуваат најбезбедно, тогаш каде би се чувствувале најбезбедно? Треба како општество да сториме сè жените и децата да се чувствуваат најбезбедно во својот дом, посочи денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, нагласувајќи дека системските промени ќе дадат резултати, „но не преку ноќ“.
Министерот, во изјава за медиумите по завршувањето на првиот состанок на Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите, рече дека кривичноправните настани досега се евидентирале во тефтер, но дека се работи на дигитализација.
– Кога првпат седнав на позицијата во Министерството за внатрешни работи, во рамките на техничката влада, констатирав дека, за жал, Македонија сè уште работи со систем на евидентирање во тефтер на кривичноправните настани. Колку и да е тоа смешно за некого, за жал, така е. На дигитализацијата работиме секојдневно и многу е важно да ја спроведеме како Министерство за внатрешни работи. Тоа е наша работа. Тоа била наша работа и во последните 35 години, но не сме ја завршиле. Шведска, на пример, го направила тоа пред околу 30 години. Ние го правиме денес. Дали ќе беше подобро да го направиме лани? Ќе беше. Дали ќе беше подобро да го направиме пред 30 години, исто како Шведска? Претпоставувам – да. Но, сигурно е подобро да го направиме на почетокот на 2027 година, наместо во 2048 година. Нашиот пристап е системски и ќе има резултати, но ќе треба време. Мислам дека покажавме дека можеме во многу краток период да реализираме проект како „Безбеден град“, кој ќе им даде на граѓаните чувство на надеж дека работите можат да бидат подобри – изјави Тошковски.
Во споредба со најразвиените европски демократски држави, не реагираме максимално професионално, рече тој, но потенцира дека институциите ставаат максимален фокус на оваа тема и дека постапуваат со максимална посветеност, пренесува МИА.
































